Навикнати сме на фактот дека сè што е квалитетно мора да има висока цена. Сепак, оваа теорија е побиена од архитектот Мет Витман од Wittman Estes. Тој дизајнирал одржливи терасовидни куќи за градот Сиетл кои се поевтини од стандардните во оваа област.
„Tsuga Townhomes“ значи тројка одржливи градски куќи изградени по ред, карактеризирани со „живи“ покриви, еколошки завршни материјали и систем за собирање на дождовница.
Целта на овој проект е да се подобри изградбата на станови во споменатиот град, не само со обезбедување на попристапни куќи, туку тие да бидат и еколошки. Брзиот раст на трошоците за изградба во Сиетл резултираше со големи, но неквалитетни решенија што доведоа до појава на згради направени од неквалитетни материјали кои честопати немаат „карактер“ и врска со природата. Во 2018 година, просечните трошоци за изградба во овој град се рангирани меѓу највисоките во светот и изнесуваат 280 долари за метар квадратен. Трошоците за изградба на „Tsuga Townhomes“ се 185 долари за метар квадратен, што го прави целиот проект 45 отсто поевтин во споредба со просечната цена на сместување во споменатиот град во САД.
Три станбени единици се наоѓаат на закосена парцела со површина од 5.040 квадратни метри. Оваа критична локација е избрана за да се намалат трошоците, а изградбата на неа е овозможена само затоа што наклонот е вештачки создаден за време на изградбата на блиската улица. Сместено е на работ на паркот Хајленд и гледа на реката Дувамиш. Главната куќа се наоѓа покрај улицата и паркот, додека дуплексот е изграден на падина. Станбените згради се карактеризираат со големи прозорци свртени кон југ, со цел да се зголеми прегледот и да се обезбеди доволна сончева светлина.
Одржливиот дизајн помага да се создаде здрава животна средина во урбани услови, истовремено заштедувајќи енергија и намалувајќи ги трошоците. Зелените покриви и специјалните садови за био задржување што се користат за собирање на дождовница се само некои од карактеристиките. Зеленилото на тераси, покриви и тремови создава еден вид филтер и заштитна зона помеѓу приватниот и јавниот простор. Енергетски ефикасните системи го исполнуваат стандардот на зелената зграда – Four Star Built Green Certification.