„Купи продај огласник“ – Фејсбук група за лажни сертификати!

979

Македонците смислија како да ги изиграат мерките со кои треба да се заштитат тие самите од епидемијата.

Многу од граѓаните овие два дена влегувале со сертификати за вакцинирање позајмени од пријателите, а на купи продај огласниците секојдневно бараат од некого да купат фалсификуван, лажен сертификат за ковид вакцинација.

Граѓаните бараат помош односно контакти од лица, за да им го изработат сертификатот, иако не се вакцинирани и немаат намера да се вакцинираат.

Во приватната група на Фејсбук „Купи продај Огласник“ се споделуваат информации и контакт броеви од лица кои можат да изработат фалсификувани сертификати.

Под објавите јавно се оставани телефонски броеви од наводните мајстори што ги изработуваат.

Според коментарите јасно може да се види дека со фалсификувани сертификати некои граѓани веќе посетувале угостителски објекти, а како што се тврди во дел од коментарите дури и преминувале гранични премини.

„Кога се јавивме на броевите, сите ни рекоа дека се работи за грешка, но не беа изненадени од повиците“, велат од „СП“.

Слободен печат“ од свои извори дознава дека и во инспекторатите ширум земјава, се јавувале лица, кои сакале да останат анонимни и кажувале дека се поканети на свадби, а кога рекле дека не можат да присуствуваат зашто не се вакцинирани, од организаторите добиле одговор дека со ручекот ќе добијат и сертификат. Потоа инспекторите ги препраќале ваквите лица, дојавата да ја достават до Министерството за внатрешни работи, од каде пак, не добиле ниедна пријава, се наведува во истражувањето на порталот.

„Доколку бидеме информирани, ќе го имаме ова предвид. Угостителите треба да ги контролираат сертификатите. Ние овие два дена повеќе одевме превентивно. Во наредните денови ќе се утврди и веродостојноста на тие сертификати. Имаме механизам како тоа да го направиме има и апликации и податоци влезени во систем и веднаш излегува дали одреден сертификат е фалсификат. Од старт мислам дека не е коректно да се служат со такви методи, но не би препорачала да се дрзнуваат на такви работи. Препорачливо е да се вакцинираат заради заштита на здравјето, а не да прават манипулации“, изјавила Анета Симеска, директорка на пазарната инспекција.