Најновите документи за изборниот поткуп и измами кои ги објави италијанскиот весник Ла Верита, а се однесуваат на изборите во 2014 година и активностите на Зоран и Вице Заеви заедно со струмичкиот клан, повторно го отворија и прашањето за вмешаноста на Зоран Заев во обидите да се фабрикува афера за фалсификувани пасоши и лични карти за кои пишуваше неделникот Фокус во 2014 и 2015 година.
Транскриптите од следената комуникација со посебни истражни мерки покажуваат дека Заев и осудуваниот криминалец Захир Бекири Чауш имале блиска комуникација во врска со купувањето гласачи во 2014 година, но доказот за оваа блискост потсети и на прашањето дали дел од планот на Заев бил додека тргува со гласови паралелно да креира и афера во која јавноста ќе ја замајува дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која прави изборен криминал, а не самиот тој?
Во транскриптите од Основното Јавно Обвинителство за изборниот криминал на Заеви, а кои беа објавени од Ла Верита стои како Заев му наложува на градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ – Српче да контактира со Захир Бекири Чауш во врска со „некои важни документи“, после што и му го праќа на Српче бројот на Чауш. Српче го известува Заев дека исконтактирал со Чауш, а Чауш наложува на Заев да му се јави на командант Баци од Тетово бидејќи имал да испорача минимум 5000 гласови и бил човек од кого се плашеле и Тачи и Ахмети.
Оваа комуникација ја докажува директната поврзаност на Заев со Чауш, која досега јавноста ја оценуваше само со помош на една слика од кабинетот на Заев, како и со неговото јавно признание дека Чауш е член на СДСМ. Но овие транскрипти потврдуваат дека Заев и Чауш комуницирале и во врска со изборен криминал.