Лапорта: Суперлигата е само почеток, јас сум и за Супер Светско првенство!

587

Барселона е меѓу 12-те клуба кои го организираат новото натпреварување, Суперлига, што предизвика жестоки реакции во фудбалскиот свет. Суперлигата го најде и главниот финансиер. Американска инвестициска банка им вети на сите клубови основачи дека ќе добијат 350 милиони, а комплетниот проект вреди 3,5 милијарди евра.

Жоан Лапорта го даде и својот прв коментар за формирањето на Суперлигата. Претседателот на Барселона рече дека во основа сè е прашање на пари.

„Сето тоа е прашање на пари. Беше потребно да се размисли што е фудбал, што значи тој и што е основа и која е суштината на овој спорт. Треба да размислиме за други алтернативи”, рече Лапорта.

Претседателот на Барса не застана тука и веќе размислува за реализирање на Супер Светско првенство, слично на турнирот за национални тимови.

„Суперлигата е опција, но има и други решенија, како што е Супер Светското првенство. Јас сум повеќе за тоа натпреварување отколку за Суперлигата”, рече тој.

Во секој случај, утрово Барселона на својата официјална веб-страница потврди дека е еден од основачите на Суперлигата, која ќе ја сочинуваат вкупно 20 клуба.