Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кирил Лазаров, изрази задоволство од денешната победа против, како што самиот вели, незгодниот Бахреин, особено поради фактот што носителите на играта можеле и да одморат, а младите да покажат дека знаат да одиграат добро.
„Позадоволен сум од денешната игра отколку од дуелот со Јапонија, особено што Бахреин е далеку понезгоден противник. Дури и имавме време на одмориме, што е добро, бидејќи носителите на играта не минаа повеќе од 35-36 минути. Како и секогаш, имавме добри и лоши моменти, осцилации во играта кои загрижуваат и поради кои не може да знаеме што ќе биде на дуелите кои нѐ очекуваат“, изјави најискусниот во жолто-црвената селекција.
Македонија утре го игра исклучително важниот меч против Хрватска.
„Ќе се бориме со сите сили, а фаворитската улога ѝ ја препуштаме на Хрватска. Добро за нас е што тие допрва денеска ќе треба да трчаат со брзите Јапонци, што за нив и не е баш мал проблем. Имаме време добро да се подготвиме, веќе го гледавме нивниот дуел со Исланд, кој нѐ изненади позитивно. Ги знам Хрватите како дишат, не ме измамуваат нивните кукања и велења дека не се фаворити за највисок пласман. Тие секогаш одат на медал, а ние ќе пробаме да ги изненадиме и да им го отежнеме патот кон врвот“, дополнува Лазаров.