Ена Норнилд, косопственичка на градежната компанија “Дан-Мак” била измамена за 250 илјади евра во шемата на Бојан Јовановски, за наводно учество во ЕУ проекти за изградба на домови за стари лица. Посредник во целата ситуација била водителката Лила Филиповска која е блиска пријателка на Јовановски.
Норнилд вели дека поднела кривична пријава против Јовановски и Филиповска за случајот кој е заборавен во некоја обвинителска фиока и додала дека е нејасно зошто овој случај не е дел од “Рекет”.
Косопственичката на “Дан-Мак” за МКД изјавила дека дури вчера за првпат била повикана во Финансиската полиција, а пред 3-4 месеци и во обвинителството.
Сѐ започнало некаде кон почетокот на 2017 година кога Норнилд ја избрала Филиповска како заштитно лице на нејзиниот козметички салон “Мис Ен”. Нивната соработка се одвивала по вообичаен тек сѐ до летото 2017 година кога Лила понудила “добра бизнис зделка” за фирмата “Дан-Мак”.
Лила ѝ кажала на Ена дека е добра пријтелка со Бојан Јовановски кој добил проект од ЕУ за изградба на домови за ранливи категории и за стари лица. Авторка на проектот била самата Лила, а за таа да учествува во проектот за изградба на тие домови, требало да ѝ плати 250 илјади евра. Ена не се посомневала во ништо бидејќи тогаш Филиповска сè уште соработувала со неа.

Косопственичката на фирмата побарала средба со Јовановски во текот на која тој ѝ кажал дека проектот веќе е добиен, но е заштитен, а деталите ќе може да се видат откако ќе се плати учеството. Притоа, Норнилд спремила договор заедно со нејзиниот адвокат, со извршни клаузули за двете страни ако некој не ги испочитува условите од договорот.
Но, таа никогаш не го видела проектот.
На 21-ви јуни 2017 година Лила цела во плач влегла во канцеларијата на Норнилд и рекла дека животот ѝ зависи ако парите не се платат токму денеска. Исплатата била завршена истиот ден: 13,5 милиони денари биле префрлени на сметката на Лила Филиповска, која веднаш потоа, под името Лила Стојановска, ги конвертирала денарите во 250 илјади евра во кеш. Ниту една државна институција – ниту Финансиската полиција, ниту НБМ, ниту контролните служби на банките не реагирале на ваквата кеш исплата.
Рокот за почеток на изградба на објектите бил 30-ти ноември 2017 година, а ако нешто тргнело наопаку, истиот ден требало да се активира и извршната клаузула од договорот.
На 29-ти ноември, Ена добила повик од Лила и Бојан да се сретнат, а во текот на средбата ѝ кажале дека проектот ќе се пролонгира бидејќи дошло до ревидирање и рефинансирање и новиот рок е крајот на февруари 2018 година. Таа прифатила само под услов и извршната клаузула да важи од тој датум и подготвила анекс кој Филиповска одбила да го потпише.

По таквиот случај, Норнилд ја пријавила измамата во канцеларијата на ЕУ во Скопје, во Основното јавно обвинителство во Скопје и во Финансиската полиција, а откако пред 2-3 дена на Фејсбук ја објавила уплатницата за Лила Филиповска, вчера била повикана да даде исказ во Управата за финансиска полиција. Норнилд се прашува зошто се чекало 2 години за ова.
Уште еден апсурд: извршната клаузула од договорот со Лила Филиповска подразбирала право “Дан-Мак” да си ги врати парите, но извршителот на “Дан-Мак” установил дека целиот имот на Филиповска е под хипотека во банки.
Лила Филиповска како сведок на едно од рочиштата за случајот “Рекет” сведочеше дека му позајмила 25 илјади евра на Бојан Јовановски за да ја отпочне својата телевизиска куќа – 1ТВ.