Лос Анџелес против инфлуенсерите: “За Вас дупло поскап сладолед“

703

Познато е дека инфлуенсерите поради својата популарност на социјалните мрежи, како и големиот број на следбеници, бараат различни работи од оние кои би ги спомнале во својата објава или пост.

Така, на нивната листа на барања, меѓу другото, може да се најдат и бесплатно сместување, патување, различни видови на бесплатна забава, гардероба, а во оваа листа на бесплатни работи може да се најде дури и бесплатен сладолед.

Затоа, сопственикот на една слаткарница во Лос Анџелес се сети како да ги надитри и не само да им оневозможи “право” на бесплатен сладолед, туку и дупло да им наплати.

Тој вели дека бил изненаден кога било побарано од него бесплатно да организира забава за 300 луѓе во замена за реклама.

“Не сакам да работам бесплатно”, изрично вели сопственикот на слаткарницата.

Затоа, тој поставил знак на кој пишува “инфлуенсерите плаќаат дупло” и го ставил на комбето од кое продава сладолед. Се фотографирал со натписот и го објавил на Инстаграм, а со тоа им испратил порака на сите инфлуенсери.

“Решивме ова да биде официјално. Нас навистина не ни е важно дали сте инфлуенсер и колку луѓе ве следат. Никогаш нема да добиете бесплатен сладолед во замена за објава на социјалните мрежи. Сладолед чини четири долари, а сега е осум долари за вас”, напишал, додавајќи хаштаг #influencersaregross (инфлуенсерите се одвратни).

Кратко време по објавата на Инстаграм, тој стана ѕвезда на интернет поради својата порака.

“Верувај ми, јасна ми е иронијата. Го објавив за да ги исмејам инфлуенсерите, а се покажа дека сега јас добив популарност на социјалните мрежи”, изјави тој.

Во 2014 година, неговиот сладолед беше прогласен за најдобар сладолед во Лос Анџелес.