Лукашевич: Западот се меша во Македонија, Договорот од Преспа ќе оди пред Совет на Безбедност на ОН

1615

Рускиот амбасадор во ОБСЕ Александар Лукашевич со серија твитови ги коментира политичките случувања во Македонија, ги обвинува западните земји за мешање во внатрешните работи на земјата и го повторува порано искажаниот став на Москва дека Договорот од Преспа треба да биде разгледан во Советот за безбедност на ОН.

– Евентуалниот конечен договор, во согласност со став 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност на ОН, ќе биде разгледан од Советот за безбедност на ОН, наведува Лукашевич во твитовите што ги пренесува и Руската амбасада во Скопје.

Во контекст на политичките случувања, Лукашевич вели дека „мешањето на САД и другите западни земји во внатрешните работи на Македонија предизвика повторно враќање на акутната политичка криза во земјата која не е надмината повеќе од три години“.

Последните официјални реакции од Москва за случувањата во Македонија беа на крајот на октомври годинава по референдумот и отворањето на процесот на уставни измени.

Министерството за надворешни работи на Русија тогаш обвини дека поддршката за почеток за уставни измени заради имплементација на Договорот од Преспа, била обезбедена со уцени, закани и купување гласови. Крајната цел, според Москва, е САД и западните сојузници по секоја цена да ја внесат Македонија во НАТО.

Портпаролката на руското МНР Марија Захарова, пак, ги отфрли обвинувањата од Вашингтон дека  Москва е таа која се меша во внатрешните работи на Македонија. Руската амбасада во Скопје, потоа  објави дека Москва не го менува ставот во однос на уставното име на Република Македонија.

– Русија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име пред повеќе од 26 години и својот став не го менува, напиша на Твитер на Руската амбасада во Скопје, веднаш по изгласувањето на одлуката во македонското Собрание за пристапување кон измена на Уставот заради имплементација на Договорот од Преспа.