Педесет години по кражбата на делото “Христово раѓање со Свети Лавренти и Свет Фрањо” во февруари оваа година италијанската Комисија за борба против мафијата објавила дека едно од најбараните уметнички дела веројатно сепак не е засекогаш изгубено.
Крунски сведок од Коза Ностра на Комисијата и раскажал дека сицилијанската мафија во 70-тите години од минатиот век ја продала сликата на Швајцарец кој тргува со уметнички дела.
Откако сликата исчезнала од црква во Палермо во 1969. година, околу неа се плетеле неверојатни приказни: додека едни тврделе дека раководството на мафијата Коза Ностра ја изнесува на важни состаноци, други се колнеле дека главниот лидер на сицилијанската мафија, Тото Рина, ја користел наместо тепих покрај креветот.
На основа на исказот на крунскиот сведок, експертите од Комисијата дошле до сознание за нов проблем со кој се соочува италијанската полиција: кражба на уметнички дела. Само во 2017. година во Италија од музеи, приватни куќи и цркви биле украдени 6.255 уметнички дела, во просек по 17 дневно, а профилот на извршителот е секогаш ист – мафијата.
Уметничките дела се сигурна инвестиција. Не ја губат својата вредност, а купувачите во главно ги плаќаат во кеш, што е идеален предуслов за перење на пари.
“Вредноста на уметничките дела често расте со време. Поради тоа криминалците купувањето на гледаат само како можност за перење на пари, туку и како инвестиција”, објаснува Фабрицио Парули, началник на специјалната полициска Служба за заштита на културни добра.
Мафијашите, меѓутоа, пред се тргуваат со крадена уметност. Инспекторите во 2016. година при претрес на куќа во Кастелмаре ди Стабија во Неапол откриле две слики од Ван Гог во вредност од 100 милиони долари. Куќата била во сопственост на трговец со дрога од мафијата Камора. Двајца крадци украле две слики од музејот на Ван Гог во Амстердам. Две години подоцна, полицијата ги уапсила крадците, но тие не откриле каде се сликите.