Македонија бара да се вклучи во европскиот солидарен фонд за справување со коронавирусот

635

Македонија бара од ЕУ да се вклучи во европскиот солидарен фонд како дел од координацијата за справување со состојбата со коронавирусот.

Како што соопшти денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, фондот е формиран во 2012 година по поплавите во Централна Европа и досега се искористени 5 милијарди евра за несреќи, природни катастрофи и епидемии во ЕУ и Македонија има право на тоа како земја преговарач.

Во рамки на координацијата со ЕУ, нашиот Секретаријат за европски прашања во име на Владата испратил писмо до комесарот за  проширување Оливер Вархеји со неколку барања:

-таканаречена награда за успешност од 50 милиони евра за државата за успешно спроведување на реформите и менаџирање со ИПА-фондовите, а кои беа наменети за Преспанскиот Регион, инфраструктура и животната средина дел или целосно да се пренамени во средства за менаџирање на пандемијата од ковид-19;

-согласно иницијативата на ЕК за финансиска поддршка на ликвидност на претпријатија, побаран е пристап до средствата за Банката за поддршка на развојот за брзи и краткорочни заеми кои брзо се одобруваат чие доспевање е до 1 година кои ќе помогнат во ликвидноста на нашите мали и средни претпријатија;

-побарана е измена на минималните критериуми за искористување на фондовите од ИПАРД 2 програмата во кои сметаме на зголемување на делот што значи учество на ИПА-фондотви за сметка на сопствениот капитал за производителите  на храна и земјоделски производи, мерка што веќе била применета за кризата со поплавите во земјава, кога учеството на ИПА-фондовите во проекти било и до 75 отсто;

-побарано е земјава да биде исклучена од рестрикциите на ЕК за заштита на стабилноста на единствениот европски пазар кои се однесуваат на медицинска опрема и средства за работа.

Османи, одговарајќи на новинарско прашање, не можеше да каже кога може да се очекува одговор на овие барања, но истакна дека дека по првичниот шок кога земјите членки на ЕУ презеле поединечни мерки за заштита од ширењето на епидемијата од коронавирусот, ЕК, директоратите и раководствата на земјите членки ги активираат сите мерки, протоколи и програми за заедничко справување со оваа закана.

Вицепремиерот на прес-конференцијата информира и за одлука на норвешката влада која доделува 3,2 милиони евра помош за Македонија, Црна Гора и Србија за медицински апарати и материјали.

Оваа одлука денеска ќе биде презентирана на Кризниот штаб кој ќе одлучи за каква набавка ќе се користат. Помошта треба да биде реализирана во следните 5 до 7 дена.