МАКЕДОНИЈА НАПРАВИ СЕНЗАЦИЈА: НА КОЛЕНА ЧЕТВОРОКРАТНИОТ СВЕТСКИ ПРВАК ГЕРМАНИЈА (ВИДЕО)

1475

Фудбалската репрезентација на Македонија направи голем подвиг! Избраниците на Ангеловски славеа на гости против Германија (1-2) по лавовска борба и меч во кој доживеаја една голема неправда откако не добија пенал и сега на контото имаат шест бода во квалификациите за Светското првенство (СП) кое се игра во 2022 година во Катар.

  • Извештај од натпреварот:

„Рисовите“ влегоа како големи аутсајдери во овој меч, како што никогаш не биле досега. Составот на Лев потфрли на терен и беше надигран од Пандев и дружината. Македонија со триумфот над Германија ја забележа најголемата победа во историјата, затоа што „панцерите“ се најтрофејниот тим кој паднал некогаш пред „црвено-жолтите“. Ова беше втора победа по ред за Македонија, по онаа над Лихтенштајн во Скопје (5-0).

Топката на стартот од мечот повеќе ја имаа Германците, а Македонија имаше за цел да го одбие првиот бран на напади на избраниците на Лев. По само седум минути игра пречката беше сојузник на Македонија, затоа што еден шут на Сане откосо заврши во пречката. Првата убава наша акција ја креираа Адеми и Алиоски во 23. минута, но Трајковски задоцни и пропадна ветувачка акција. Две минути подоцна Германија креираше убава акција по левата страна, Гнабри добро биеше по земја, но Столе Димитриевски со нога интервенираше. По половина час игра германската селекција ја креираше трета голема шанса за водство, Гнабри од неколку метри оддесно силно распали и топката заврши неколку метри преку пречката.

Во 40. минута Марк Андре Тер-Штеген спречи македонско водство. Алиоски изведе слободен удар, од позиција на скратен корнер, Адеми ја пропушти топката, а голманот на Барса рефлексно ја исфрли топката во корнер. Кога сите очекуваа крај на првиот дел, германската одбрана потфрли, а по ударот на Барди, топката стигна до Пандев, кој од непосредна близина го матира Тер Штеген (0-1).

Тоа беше резултат и на паузата, а во вториот дел, од првата сериозна можност, Германија изедначи. Во 62. минута Горецка остана сам пред шеснаесетникот, па го проигра Сане кој беше на десната крилна позиција. Брзоногиот играч го исфрли Алиоски од игра, но македонскиот играч веќе тргна да блокира со лизгачки старт и го зафати по нозете. Судијата Карасев покажа на белата точка, a Гундоган беше сигурен реализатор.

По примениот гол, Македонија се повлече и чуваше топка. Ангеловски беше ориентиран малку повеќе на дефанзивна таткика затоа што претходно во игра го внесе Бејтулаи на местото на Бобан Николов. Скандалозен момент следеше во 77. минута, кога по еден корнер топката заврши во раката на Емре Џан, тоа беше очигледно, но судијата Карасев не сметаше дека е најстрога казна. Следеа жестоки протести и жолт картон за Пандев, па поради тоа капитенот нема да игра на следната средба.

Во 80. минута нововлезениот Тимо Вернер го промаши невозможното за Германија. Доби хируршко прецизен пас во шеснаесетникот, имаше отворен простор кон голот, ама ја промаши целата топка. Тоа беше доволно за казна, затоа што во 85. минута Бејтулаи одлично го проигра Адеми, тој влезе од левата страна и по земја го пронајде Елмас, кој ја стресе мрежата со шут по земја, погодок доволен за херојска победа на Македонија, доста важна во квалификациите за Мундијалот во Катар.