МАКЕДОНИЈА – Р. ИРСКА 3:2, ТРЕНТАЛАНЏЕ „ДУВАШЕ“ ПЕНАЛИ, МИТКО СТРЕЛАШЕ БЕЗ ГРЕШКА (ВИДЕО)

564

Во квалификациите за СП 1998 во Франција, нашата фудбалска репрезентација се падна во група со Романија, Р. Ирска, Литванија, Исланд и Лихтенштајн. Завршивме на 4. место со освоени 13 бодови, селектор беше Ѓоко Хаџиевски. Во рамките на таа група посебно треба да се одбележи дуелот со Р. Ирска во Скопје, одигран на 2 април 1997 година. Градски како и секогаш добро посетен, на трибините 15.000 гледачи, сите посакувавме победа, и таа дојде против силната Р. Ирска, која три години претходно имаше успешен настап на СП во САД, каде што ја победи и една Италија.

Целески, М. Стојкоски, Марковски, Николовски, Милосавов, Седлоски, Гошев, Шаиновски, Шаќири, Христов, Главевски, играа и Бегановиќ, Ѓорѓиоски, В. Мицевски. Не почнавме добро, Ирците предводени од селекторот Мик МекКарти, а од попознати тука беа Стаунтон, Кели, Ирвин, Филан, Мекатир, Роби Кин, Каскарино и други, поведоа со голот на МекЛафлин уште во 8. минута. И тогаш тргна „македонската бура“.

Од 28. до 59. минута, во тие 31 минута кои беа можеби едни од најдобрите во нашата историја, постигнавме три гола и поведовме со 3:1. Алфредо Тренталанџе, во тој момент веројатно најдобриот светски судија, покажа во два наврати пенал за нас, а Митко Стојкоски во 28. и 44. минута двапати беше успешен. Следуваше мајсторијата на Христов за 3:1. Гостите од Даблин успеаја само да намалат на 3:2. Прекрасна атмосфера, прекрасна игра на момците на Хаџиевски, тоа беше една нова генерација која ветуваше многу, но за жал не успеа да ги оствари сите наши амбиции.

Тоа беше победа, веројатно и единствена засега, против една селекција, во тој момент, која се наоѓаше меѓу најдобрите на ФИФА листата.

Вреди да се погледне видеото, да се видат головите на Митко и Ѓорѓи, да се види еуфоријата на Јужна.