Македонската песна за Путин ги преплави и руските медиуми (ВИДЕО)

1407

Песната за Путин, кој треба да ја „спаси“ Македонија од ЕУ, НАТО и САД, на Македонецот Александар Џеповски стигна и во Русија. Стотина наслови се објавени по руските медиуми за Македонецот што го повикува Путин на помош. Џеповски даде интервју и за една руска телевизија.

На Јутјуб песната на Џеповски веќе има над 100 илјади прегледи. За оваа песна пишуваа сите медиуми во регионот, а Бугарија веќе стигна и да се побуни дека народната песна што послужила како инспирација за Путиновата е бугарска, традиционално, во стилот на вечниот македонско-бугарски конфликт.

Насловот на песната е „Заплакала Македонија за Путин“, а е обработка на познатата македонска народна песна за илинденскиот херој Ѓорги Сугаре „Заплакало Мариово за Ѓорги Сугаре“. За некои бугарски медиуми и песната и војводата Сугаре се бугарски.Војводата Ѓорги Сугаре

Авторот на текстот на оваа песна на почетокот се прашува: „Кај си сега Путин Владимир, сега да дојдеш, од ЕУ, НАТО да нè куртулиш, од САД да нè куртулиш…“. А Путин одговара: „…сега ќе свршам јас во Сирија и во Турција, и идам за во Македонија…, јас ќе ве спасам од ѓавол амерички“.

Руските медиуми потсетуваат дека уште во октомври македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски изјавил дека Македонија е подготвена да стане членка на НАТО и дека сите македонски граѓани го поддржуваат ова. Ова, според руските медиуми, не соодветствува со пораката во песната на Александар Џеповски.

Не очекував ваков одек на оваа песна, вели Џеповски во изјавата за МКД.мк.

Aлександар ЏеповскиСе работи за дел од нашата работа за хумористичната десетминутна емисија Радио ајвар на македонското радио во Сиднеј. Песната ја направив со голем ќеф како одговор на ЕУ и НАТО затоа што си играат мајтап со Македонија во последниве 20 и кусур години. Реков ова ќе биде добра шанса да им се наплати и да ја видат и другата страна од медалот. Но најголема услуга изгледа ни направија источните соседи кои кренаа тревога дека Путин „ми ја кажал тајната што ќе направи по некоја недела… и држ побргу пробуваат по нивното, демек Заплакало е мариово е „бугарска песна за бугарски војвода“. Еднаш болен, секогаш болен. Но, длабоко ме трогнуваат Русите, кои песната многу емотивно и инспиративно ја наоѓаат во нив, самите. Многу им значи, но најмногу мене, затоа што нашите православни народи имаат длабока врска преку Климент и Наум. Вистина е дека тие од нас ја добиле православната вера, црква, писменост, азбука и од тогаш стануваат светска сила до денес, можеби засекогаш“, вели Џеповски.

Инаку, за оние што не го знаат Александар, само едно мало потсетување на песната „Цимер, дека си бе, цимер…“ на групата Пеницилин.

Песната на Џеповски за Зоран Заев од 2013 година на Јутјуб засега има подобар резултат од Путин – 148.000 прегледи.