Луксембург е земја во Европа која има најголем број на странски работници. Ова е дестинација каде се вработиле и дел македонски граѓани, но на печалба во Луксембург одат и Германци.
Дека Луксембург е лидер по бројот на странски работници, може да се забележи од податоците кои ги објави Евростат. 49,4 отсто од работниците во Луксембург се од други земји. Во услужниот сектор 48,1 отсто од вработените им се од други земји, а во индустријата повеќе од половина, односно 61,9 отсто.
Aко се погледнат податоците за минимални плати, во Луксембург во јули 2019 година таа изнесувала 2.000 евра, додека во 2009 година била нешто под 1.750 евра, објави Евростат.
„Над 100.000 луѓе што живеат во Франција и над 50.000 од Германија и Белгија доаѓаат да работат секој ден. Минималната плата е 2.150 евра бруто, ама од овој месец ке биде покачен индексот за околу 60 евра. За живот е добро, ама е потешко за поединци што се дојдени на печалба, затоа што е тешко да се најде стан поевтин од 1.000 евра. Знам две – три семејства од Македонија кои работат овде, а претпоставувам дека бројката на Македонци кои работат во Луксембург е околу 200“, вели прилепчанец кој веќе 6 години е во Луксембург.
Луксембург по висината на платите е пред Ирска, Холандија, Белгија и Германија и овој тренд трае со години. Просечната плата во 2018 година изнесувала нешто повеќе од 4.300 евра.