Поединци од македонската дијаспора во Австралија водат негативна кампања против националната установа „Танец“, ансамбл за народни игри и песни на Македонија кој гостува во Мелбурн, Камбера и Сиднеј, објави Мартин Вучиќ, директор на „Танец“.
Најпознатиот македонски ансамбл кој годинава слави 70 години од постоењето, во моментов е на турнеја низ Австралија каде што треба да одржи три концерти. Според Вучиќ, уметниците од ансамблот со радост после 11 години гостуваат на овој континент и се максимално подготвени за три врвни концерти пред публиката во Мелбурн, Канбера и Сиднеј. За жал, за цело време, а сега посебно интензивно, се соочуваме со негативна кампања и опструкција на закажаните концерти и тоа водени од поединци од нашата заедница, пишува Вучиќ на фејсбук. Според Вучиќ, она што е континуитет сите овие седум децении е ансамблот „Танец“, сите генерации играорци и музичари, а со тоа и нашата култура и традиција, македонската самобитност.
Во овие седумдесет децении се смениле повеќе историски и општествени контексти, но македонското оро и песна, македонската музичко-фолклорна традиција, македонскиот јазик и култура гордо им пркосат на сите тие предизвици. А тоа е така затоа што сите генерации вработени во „Танец“ и сите генерации поддржувачи на овој наш подвижен музеј на македонскиот фолклор, вложиле многу љубов и многу труд да го одржат ова што денес го имаме. Чувствувам дека како никогаш досега, македонската заедница во Австралија е разединета, а чувствувам и дека токму ваквите моменти, кога им гостува најголемиот македонски културен амбасадор, се вистинските за повторно обединување. Се надевам дека сите заедно ќе успееме да го издвоиме колективниот над личниот профитерски интерес. „Танец“ е и наша гордост и наша должност. Ајде сите заедно да му се радуваме. Во оваа прилика ги поканувам сите нашинци во Австралија да дојдат на концертите и заедно да уживаме во прекрасните македонски ора и песни. Едни без други не можеме и не смееме, вели Вучиќ.
Колумна: Зошто не треба да се бојкотира Танец
Пред некое време имав чест да присуствувам на 70 – годишниот јубилеј на Ансамблот Танец и нема воопшто да кријам, туку гордо ќе изјавам дека бев длабоко фасциниран. Кога бев дете го доживував како нешто досадно што мора да се научи, а не како нешто важно. Најмалку пак, како извор на задоволство. За среќа работите се сменија и со текот на моето образование мојот ум беше избрусен од луѓе кои беа (и најверојатно се‛ уште се) попаметни и поинформирани од мене. Со време и со труд успеав најпрво да научам да го почитувам, а подоцна и да го засакам.
Од тие причини, прво како љубител на фолклорот и второ, како човек кој професионално се занимава со прашањата на културата и уметноста, се почувствував лично погоден од повикот за бојкот на Танец во планираното гостување во Австралија, најавено пред некое време. Се‛ уште сум ш*киран и збунет. Едноставно не можам да си одговорам на прашањето: Зошто? Зошто некој би си го ускратил задоволството да ужива во најизворното од сопствената култура, особено кога живее толку далеку од својата земја и сигурно многу му недостасува. Едноставно, сакам да кажам дека не можев и се уште не можам да разберам зошто некој не би сакал да ужива во тоа што е најчисто и најавтентично од својата земја. Од таа причина не сакам да зборувам за политика туку за култура. Иако овие два поима се речиси секогаш поврзани еден со друг, мислам дека во случајов првиот и те како му пречи на вториот.
Никој од нас не се родил учен со спремна формула како да ја почитува традицијата; тоа е нешто што се стекнува и што се гради низ целиот живот, а особено во детството и во младоста. Јас ја запознав традицијата преку делата на Блаже Конески, преку неговите песни и есеи, и мислам дека го одбрав најдобриот пат. Затоа би ги препорачал неговите книги на секој кој сака да научи за македонската култура и историја; на секој кој сака да дознае кој е и од каде потекнува. Конески ни вели дека на почетокот на нашата историја и во темелите на на нашата култура и уметност стои фолклорот. Зад нашето сликарство стојат мијачките зографи; зад нашата поезија стои народната песна; зад нашиот танц стои орото. Без плејадата непознати занаетчии и уметници никогаш не би постоеле ниту Лазар Личеноски, ниту Кочо Рацин, ниту пак, самиот Конески. Овие големи уметници воопшто не се срамеле да ги признаат своите долгови кон фолклорот, туку напротив, се гордееле со тоа, зошто токму фолклороното наследство ги правело да бидат единствени ─ тие знаееле дека тој е основата на нивната инспирација и индивидуалност.
Целта ми беше да кажам (за жал во многу кратки црти) дека културата не е ништо апстрактно; таа не е ниту име, ниту поим, ниту институција. Таа е „Тешкото“ на Конески, „Ленка“ на Рацин и „Долопот“ на Личеноски. Не дека институциите не се важни – во ниеден момент не го мислев тоа. Но, ако ги немате песната, танцот и сликата, институцијата е само празен калап, пуста форма без суштина. Танец не треба да се бојкотира туку да се слуша и гледа. Само така ќе го зачуваме фолклорот и традицијата. Само така ќе ја зачуваме Македонија.