Продажбата на автомобилите на Масерати во вториот квартал од оваа година паднала за 41% во однос на истиот период од минатата година, но новиот шеф на “Fiat-Chrysler” групацијата, Мајк Менли и натаму е убеден дека компанијата ќе излезе од кризата.
Главната причина за слабите продажни резултати на Масерати во периодот од април до јуни 2018-та година е големиот пад на продажбата на најголемиот пазар на автомобили на светот – Кина. Само во второто тромесечие на кинескиот пазар од Масерати испорачале 69% помалку возила во однос на истиот период минатата година.
Покрај тоа, пад на продажбата на автомобилите на Масерати е забележан и во Северна Америка (22%), додека пак во Европа, на Блискиот исток и Африка, интересот за автомобилите на италијанската компанија е намален за 23%.
Причината за драматично лошите резултати на продажба во Кина во вториот квартал лежи во фактот дека кинеските власти најавија дека од 1-ви јули ќе ги намалат царините за увоз на странски автомобили од 25% на 15%, па многу кинески дилери на автомобили почекаа да дојде 1-ви јули за да нарачаат автомобили од Масерати и да платат помала царина.
Што се однесува до глобалната продажба, Масерати во првата половина од оваа година испорача 17,200 автомобили, додека во истиот период минатата година, од компанијата испорачале 25,100 автомобили.