Хрватскиот музичар и кантавтор Масимо Савиќ повеќе од 30 години е присутен на музичката сцена, а минатиот месец, после пауза од три години, го промовираше новиот материјал кој го носи името “Сада”, а на кој се наоѓаат 14 теми. Рефрените премиерно ќе ги испее на 14 јули во Античкиот театар во Охрид каде има солистички концерт, а токму по тој повод за ВЕЧЕР Масимо откри кои се неговите очекувања од музичкиот спектакл, но се потсети и на своите почетоци, успеси, но и падови, а раскажа и за односот кој го има со сопругата Ена и ќерката Мирна, која по професија е новинар.
Минатата година одржавте три концерти по ред во Скопје, а оваа година во вашиот солистички спектакл ќе има можност да ужива публиката во Охрид. Како течат подготовките и дали ова ви е прв пат да пеете во живо во единствениот македонски град кој е заштитен од УНЕСКО?
Масимо: За охридскиот настап спремивме посебен репертоар. Секако, тука ќе се најдат и некои песни од мојот нов албум “Сада” кој го објавив пред еден месец, како и синглот “Лице варалице# кој публиката одлично го прифати. Соработувам со врвни музичари, имам сериозен бенд и одличен тон мајстор и сум сигурен дека концертот ќе биде посебен и уникатен. Не ми е прв пат да пеам во Охрид, но одамна не сум бил таму. Во Скопје беше одлично, очекувам иста атмосфера.
Она што е новитет за овој концерт е фактот што публиката за прв пат ќе има можност да ги чуе во живо темите од новиот албум. Кои се вашите очекувања од материјалот, колку време работевте на него?
Масимо: Како и сите мои албуми досега, во последните 15 години пракса ми е откако ќе промовирам нешто ново, во истиот момент да седнам и да работам на наредниот проект. Во принцип, секогаш остануваат некои теми недоработени кои не се нашле на последниот албум, па тие ги средуваш и работиш на нив за да се најдат на следниот проект. Околу две години бевме фокусирани на креативниот дел, а последните шест месеци ги поминавме во студио, работев во три студиа и тоа кај продуцентите Никша Братош, Предраг Мартинјак и Иве Попесќиќ. Луѓето мислат дека е лесно да се направат десет песни и концепција која ќе одговара на нешто кое се нарекува албум, но тоа бара многу работа и време. Секој кој се занимава со ова знае дека времето е многу релативно, па така албумот кој би требало да биде готов за два месеци, излегува за две години.
Долги години сте позиционирани на естрадниот врв во Хрватска, но и во земјите низ овој регион. Кога снимате нов материјал сите имаат очекувања она што сте го направиле да биде подобро од последното објавено издание, а вам тоа секогаш ви оди од рака и секој албум ви е подобар и поквалитен од претходниот. На што се должи тоа?
Масимо: Рецепт нема! Се трудам да им одолеам на притисоците и да останам свој. Го слушам својот внатрешен глас и се потпирам на критиките на мојата сопруга и ќерка.
Скоро три децении сте во складен брак со вашата сопруга Ена, како успеавте да опстоите толку време, има ли некоја тајна, клуч, магија…?
Масимо: Клучот на успехот во секој брак лежи во фактот што треба внимателно да ја бирате личноста со која планирате да го поминете остатокот од животот. Таа љубов од почетната фаза на страст мора да прерасне во еден друг облик. Морате да станете пријатели, да се запознаете во целост, да го заслужите меѓусебното почитување и да не заборавите секој ден со мал гест на внимание да и покажувате на жената дека ја сакате. Тој гест не мора да бидат бисери и злато, туку доволно е на партнерката да и го придржите капутот додека се облекува, и тоа е доказ за љубов.
Плод на вашата љубов е ќерката Мирна, како е таа, каков е вашиот однос? Пријателски и пристапувате и ја советувате или сте строг татко?
Масимо: Мирна е ќерка која секој татко би ја посакал. Со мојата сопруга Ена уште од мали нозе и пристапивме пријателски. Нашата Мирна карактерно наликува на Ена, а физички е мој клон. Денес кога ќе ја погледнам, многу сум задоволен од тоа во каква личност прерасна. Сметам дека не сум строг татко и ги советувам сите родители да им бидат поддршка на своите деца, затоа што тоа е најважно.
Мирна по професија е новинар, дали некогаш ве интервјуирала?
Масимо: Во една прилика Мирна ме интервјуираше и тоа беше едно од подобрите интервјуа кои сум ги имал. Новинарството ја забавува Мирна, таа го чувствува и е одлична во она што го работи. Го сака радиото како медиум и тоа го има наследено од мене затоа што и јас го сакам. Со интересот да заврши политички науки покажа дека ја интересира каде живее, какво е нејзиното опкружување, покажа дека секогаш ќе има еден критички поглед на својата околина. Мислам дека такви треба да бидат сите.
Бевте дел и од жирито во регионалното музичко шоу “Икс Фактор” каде учествуваа и неколку млади момчиња од кај нас. Кое е вашето мислење за нив, им предвидувате ли блескави кариери?
Масимо: Се се случува многу брзо на таквите музички шоуа. Додека се снимаат, на кандидатите им се нудат варијанти кои во реалниот живот нема да им се случат туку-така. Тие влегуваат во професионални шоуа кои во принцип немаат врска со продукциската моќ на земјите во кои тоа се емитува, па затоа нивното разочарување е големо откако ќе заврши шоуто. Тие луѓе влегуваат во заблуда и мислат дека публиката пред нив е нивна публика, а се работи за 95 проценти платени статисти, а оној мал преостанат процент се нивните семејства и пријатели. Додека самото шоу се снима и јас како нив верувам во сето тоа, но многу е важно тие млади луѓе да знаат да се извлечат од тој свет кога ќе се вратат во реалниот живот, тоа е проблемот со кој се соочуваат кандидатите.
Припаѓате на една генерација од која се изродија цела низа музички (екс-Ју) легенди, која судејќи според музичките прилики како да е последна, што можеби би требало да се смени, зошто дојдовме до ова ниво?
Масимо: Морате да знаете дека развојот на технологијата ни пружи многу исклучителни работи, но, исто така, влијаеше и на некои други. Денес секој во своето мало домашно студио може да сними песна и да проба да ја пласира до публиката. Некогаш тоа не беше така, не можевте да влезете во студио ако зад себе немате професионален тим на луѓе и финансиска поддршка. Притоа, немавме ниту Јутјуб и не можевме да ја споделиме песната со јавноста. Патот до успехот беше многу долг, сингловите по половина година се вртеа на радијата, а албуми снимавме на секои три години. Денес, ако те нема една година на телевизија, чувствуваш дека мораш се да направиш пак од почеток затоа што сите те заборавиле. Тоа е проблемот зошто нема нова музичка генерација која може да се мери со нашата.
Која е најлудата работа која сте ја направиле за љубов?
Масимо: Сум правел секакви лудости, но сфатив дека во животот многу се поважни секојдневните знаци на почит и внимание, отколку некои “филмски” гестови кои немаат допирна точка со мозокот.
И за крај, кога ќе се завртите наназад што, можеби, беше вашиот најголем успех досега, а што најголема грешка?
Масимо: Моето семејство е мој најголем успех. Што се однесува до грешките, со годините научив дека со нив не треба да се оптоварувам, најдобро е да се извлече некоја поука од нив и само да се продолжи напред, да го правиш она што најдобро го знаеш и да уживаш во животот кој е пред тебе.