Еден од најистакнатите британски математичари, Мајкл Атија, тврди дека пронашол доказ за Римановата хипотеза – еден од шесте математички проблеми за чие решение е предвидена награда од еден милион долари и кој речиси 160 години ги излудувал неговите колеги.
Сега пензионираниот Атија (89), наградуван британско-либански математичар, го претставил својот труд на собир во Хајделберг, за кој тврди дека е “едноставен доказ за Римановата хипотеза”, а дали успеал да го реши еден од најпознатите нерешени проблеми во математиката ќе утврди комисијата, наведува списанието “New Scientist”.
Доколку решението на Римановата хипотеза е потврдено, тоа ќе биде голема вест, оценува британското научно списание укажувајќи дека, меѓу другото, таа хипотеза е блиску поврзана со делењето на простите броеви кои не може да се делат со ниту еден цел број освен со самиот себе и со бројот еден.

“Доколку се докаже дека таа хипотеза е точна, математичарите ќе бидат снабдени со мапа за лоцирање на сите такви основни броеви, што би претставувало значајно поместување со далекусежни ефекти во тоа поле”, се истакнува во текстот.
Наградата од милион долари, ветена за решавање на еден од шесте нерешени “Милениумски проблеми” во математиката, која ја поставил американскиот Институт за математика “Клеј”, со години ставала многумина математичари во искушение да се впуштат во потрага за докази за Римановата хипотеза, но ниту еден од нив не успеал да стигне до наградата.
Атија кој воедно е добитник на Филдсов медал и Абелова награда е свесен за ваквата историја на неуспеси.
“Никој не верува дека воопшто постои доказ за Римановата хипотеза, а камоли тој доказ да го овозможи некој кој има речиси 90 години”, изјавил тој, изразувајќи надеж дека сепак неговата презентација ќе ги убеди критичарите во спротивното.