Хабиб Нурмагомедов и понатаму е во центарот на вниманието на спортската јавност откако пред седум дена го победи Конор Мекгрегор во борбата за појасот во лесна категорија во УФЦ.
Дагестанецот по победата против Мекгрегор направи голем скандал во Лас Вегас бидејќи ја прескокна оградата од кафезот и тргна да се пресметува со тренерите на ирскиот борец. Хабиб сигурно се соочува со жестока суспензија од страна на УФЦ, но се чини дека тој во тој период би можел да се проба во боксот.
Имено, Хабиб сега одлучи да го предизвика боксерот Флојд Мејведер кој без пораз одлучи да замине во пензија. Мејведер веќе се враќаше од пензија пред една година кога на бокс меч се соочи со Мекгрегор и тогаш успеа да го победи. Ќе биде интересно да се види дали ќе ја прифати понудата на Хабиб.
„Двајцата никогаш не сме поразени. Одиме да се бориме, зошто да не? 50-0 скор против 27-0. Во оваа џунгла има место само за еден крал и секако дека тоа сум јас. Не можеше да го сруши Мекгрегор во таа борба, а јас го срушив без проблем“, порача Хабиб.