Внатрешните проценки на Руската федерална служба за безбедност (ФСБ) за неодамнешните протести кои се случија за поддршка на затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, прикажаа дека бројот на демонстранти е многу поголем од она што беше официјално објавено, објави во вторникот информативната веб-страница “Meduza”.
Податоците, наводно, се дел од сеопфатниот преглед на тајната воена единица за контраразузнавање на ФСБ кој се објавува за прв пат а се однесува на јавната поддршка за Навални.
“Ситуацијата премина на друго ниво”: “Ајде конечно да откриеме колку присуствувале и кои се општествените причини за поддршка на Навални”: анонимен офицер од единицата бил цитиран како вели.
Во извештајот стои дека повеќе од 90 000 луѓе излегле на улиците во 143 руски градови на 23 и 31 јануари да бараат ослободување на Навални, според Медуза. Околу 12 000 од нив биле притворени, се додава.
Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи бројот на демонстрантите ширум државата е помал од 10 000 за двата датуми заедно. Кремљ истакна дека “повеќе лица гласале за Путин” отколку бројот на демонстрантите кои скандирале пароли против Путин.
“Meduza” извести дека контраразузнавачката единица на ФСБ која ги надгледува Министерството за одбрана и Националната гарда како дел од напорите за борба против странската шпунажа исто така имала задача да ја искорени поддршката за Навални во рамки на војската.
Откриено е дека пет војници учествувале во маршевите за поддршка на Навални и уште 10 други изразиле поддршка за демонстрантите, наведува Медуза, како резултат на нејзината внатрешна истрага.
Тајната ФСБ единица ги мониторирала и членовите на семејствата на демонстрантите, вклучувајќи и деца кои на You Tube каналот ги следеле истрагите на Навални, додава Медуза.
Навални (44) беше осуден на две и пол години минатиот месец за кршење на условната слобода додека се опоравуваше во Германија од труењето.
Европските научници утврдија дека најгласниот домашен критичар на претседателот Владимир Путин бил скоро убиен од нервниот агенс Новичок, создаден од Советскиот Сојуз, а западните лидери ја повикаа Русија да го испита инцидентот. Навални и неговите сојузници ја обвинуваат ФСБ за извршувањето на нападот на 20 август, тврдење кое е отфрлено од властите.