Меѓу осумте кандидатури и таа на Силјановска – фаворитот за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ

1145

Од осумте кандидатури пристигнати во архивата на ВМРО-ДПМНЕ, неофицијално, едната е на професорката Гордана Силјановска-Давкова, која важи за фаворит за претседателски кандидат на опозициската партија.

Според информации на „Макфакс“, Силјановска најдобро котирала на внатрепартиските анкети и претпоставките во партијата се дека токму таа и ќе ја добие поддршката од најголемиот број делегати на конвенцијата на 16 февруари во Струга. Од партијата, сепак, официјално не сакаат да ги откријат имињата на кандидатите до 5 февруари. Не ја отфрлаат можноста бројот на доставени кандидатури да се промени бидејќи дел од апликациите може да пристигнат и преку пошта.

„Сите кандидатури дополнително ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за проверка на законски предвидените услови за кандидати за претседател на Република Македонија и по оваа проверка, најдоцна до вторник ќе бидат соопштени и имињата на кандидатите што ги исполнуваат законските услови за кандидат за претседател на Републиката. На кандидатите што ги исполнуваат условите, ќе им бидат обезбедени време и простор за презентација на својата програма од страна на партијата пред општинските комитети и членовите во периодот од 6 до 16 февруари“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

Претходно, 30-ина професори ја предложија професорката Силјановска како натпартиски кандидат за претседател на државата, а поддршка за иницијативата побараа и од ВМРО-ДПМНЕ.