Германската канцеларка Ангела Меркел во вторникот изјави дека размислува да ја користи руската вакцина против ковид-19 во Европа, по позитивните научни резултати за нејзината ефикасност.
Сите вакцини одобрени од ЕМА (Европската агенција за лекови) ќе бидат добредојдени, токму за тоа разговарав со рускиот претседател Владимир Путин, рече канцеларката на државната телевизија АРД, поздравувајќи ги добрите научни податоци објавени во вторникот за руската вакцина Спутник 5.
Вакцината Спутник 5, за која Русија е обвинета дека не е доволно транспарентна, е ефикасна 91,6 проценти против симптоматските форми на ковид-19, покажуваат резултатите објавени во вторникот во медицинското списание „Лансет“, потврдени од независни експерти.
Ова значи дека дополнителна вакцина може да се вклучи во борбата за намалување на инциденцата на ковид-19, инсистираа научниците.
Германската канцеларка исто така ја отвори вратата кон кинеската вакцина и истакна дека земја како Србија се вакцинира побрзо од остатокот од Европа со кинеската вакцина.
Владата на Ангела Меркел е на удар на критичарите за бавноста на кампањата за вакцинација, во споредба со земјите како Велика Британија или САД.
Фрустрацијата кај населението расте поради бавноста на вакцинацијата и ограничувањето на движењето, пишува агенцијата Франс Прес.
Соочена со јавна нетрпеливост, канцеларката на каналот АРД вети дека нема да чека целото население да се вакцинира за да одобри олеснување на мерките. Тоа не е патот по кој сакаме да одиме, нагласи таа.
Таа ги повика Германците да издржат уште некое време и предупреди на опасностите од разни видови на ковид-19.
Нервите се напнати, ни претстои долг пат, а најтешко е зимата, рече таа, додавајќи дека Германија, во која живеат околу 83 милиони луѓе, ќе вакцинира 10 милиони до крајот на првиот квартал.