Меркел му испрати писмо на Заев: Парламентот треба да одлучи за уставните измени

2042

Германската влада го објави писмото кое канцеларката Меркел му го испратила на македонскиот премиер Заев на 5 октомври. Во него Меркел ветува натамошна поддршка за имплементација на Преспанскиот договор.

Меркел оценува дека големо мнозинство од над 90 проценти од оние кои гласале на референдумот се изјасниле за поддршка на Договорот со Грција за решавање на спорот за името. Во писмо Меркел вели дека сега е задача на парламентот да го спроведе договорот до крај.

„Спогодбата отвора шанса за историски договор и зајакнување на добрососедските односи. Притоа, се отстранува од патот и една важна пречка за приближувањето на Вашата земја кон ЕУ и НАТО. Сега е важно да се преземат следните критични чекори за имплементирање на договорот за името, со тоа што парламентот ќе одлучи за неопходните уставни измени“, наведува Меркел во писмото.

Таа порачува дека се радува што и натаму „ќе работи на остварување на оваа цел“ заедно со македонскиот премиер.