Германската канцеларка Ангела Меркел денес ќе се состане со највисоките германски претставници на економијата и синдикатите за да разговараат за тоа како да се привлечат квалификувани работници од земјите кои не се од Европската унија.
Додека земјата се обидува да се избори со недостиг на квалификувана работна сила, законот кој ќе им олесни на државјаните од земјите надвор од ЕУ да добијат виза за работа во Германија треба да стапи на сила на 1-ви март.
Аранжманите кои моментално се применуваат на дипломирани студенти се прошируваат на имигранти со професионални квалификации и знаење на германски јазик.
“Многу компании во Германија итно бараат квалификувани работици, и покрај слабеењето на економијата”, рекол Ерик Швајцер, шефот на Асоцијацијата на Германските економски комори за новинската група Функе.
Тој рекол и дека во повеќе од 50 проценти од компаниите моментално најголем ризик за работење е недостигот на квалификувани работници.
Секторите кои вклучуваат информациона технологија и негувателство посебно се жалат на недостигот на работници.
“На денешниот состанок ќе се разговара за тоа на кои земји германскиот бизнис сака да се фокусира и да ги реши бирократските препреки”, рекол министерот за работа Хубертус Хеил за RBB Inforadio.
Како примери, тој го навел процесот на признавање на професионалните квалификации, јазичните способности и визната постапка.
Како и многу други европски земји, Германија се обидува да воспостави рамнотежа меѓу потребите на својот пазар на работа, стареењето на населението и загриженоста околу имиграцијата.