Местото каде што се случил најсилниот земјотрес на Балканот во 1904-та година

1580

Најдоминантно сеизмичко влијание врз територијата на Македонија, од сите епицентрални подрачја има епицентралното подрачје Пехчево-Кресна (пограничен регион помеѓу Македонија и Бугарија). Во ова епицентрално подрачје се случил земјотрес со досега највисоката набљудувана локална Рихтерова магнитуда ML=7.5 на копнениот дел на Балканскиот Полуостров, и тоа на почетокот на минатиот век, во април 1904 г (Слика 1).

Главниот  земјотрес

На 4 Април 1904 година во 10 часот и 2 минути во епицентралното подрачје Пехчево-Кресна, започнала серијата на силни земјотреси, каде во 23 минути се случиле 4 земјотреса со локална Рихтерова магнитуда поголема од 5 меѓу кои и најсилниот со магнитуда ML=7.5 и интензитет во епицентарот Io=X степени според Европската Макросеизмичка скала. Епицентрите на овие земјотреси биле помеѓу Пехчево (Македонија) и Кресна (Бугарија), во близина на с.Крупник (Бугарија) (Слика 2).

Следеле уште 3 земјотреса со магнитуда поголема од 5, истата година во април и август, додека следната година 1905 уште 2 земјотреса во септември и октомври со магнитуда исто поголема од 5.

Главниот земјотрес бил регистриран од 54 сеизмолошки станици ширум светот, додека првиот земјотрес од серијата бил регистриран од 47 станици (Ambraseys, 2001). Главниот земјотрес бил регистриран дури и од станицата во Осака, Јапонија. Денеска најголемиот дел од овие записи (сеизмограми) се изгубени, оштетени или неупотребливи. Од главниот удар на овој земјотрес е зачуван само еден употреблив сеизмограм снимен од станицата во Лајпциг, Германија (Слика 3а) и еден од станицата во Букурешт (Слика 3б) за земјотресот кој се случил после главниот удар на 10 април 1904 година со Рихтерова локална магнитуда ML=5.7 и епицентрален интензитет од Io=VII степени според EMS-98.Земјотресот Пехчево-Кресна бил широко почуствуван во регионот. Го почуствувале и жителите на тогаш поголемите градски средини како Софија, Солун, Битола, Скопје и др. што може да се види од картата на изосеисти (Слика 4).

За него пишувале и тогаш најпознатите регионални весници како Dnevnik, Gazetia Sviedenia, Journal de Salonique, Levant Herald, Sabah, Stanbul, Vecera Posta, Viesti. Првичните информации за погодениот регион биле релативно ограничени и дошле од страна на група на австриски инженери кои работеле на одржување на патот по должината на реката Струма ангажирани од страна на Отоманската империја и од некои дипломатски извори.

Сеизмичка активност на епицентралното подрачје Пехчево-Кресна

Епицентралното подрачје Пехчево-Кресна се карактеризира со честа појава на слаби земјотреси (ML<2.0), но и со ретка појава на силни и многу силни земјотреси (ML>6.0) – Табела 1, Слика 2. Хипоцентрите на овие земјотреси се наоѓаат длабоко во Земјината кора до околу 45 km.

Од тектонски аспект, подрачјето Пехчево-Кресна преставува сложен тектонски јазел, каде се вкрстуваат повеќе раседни структури, со висока деструкција на земјината кора изразена преку диференцијални издигања и сместувања од лев смер вдолж наложениот Беровски (Крупник) расед (Арсовски, 1997). Ова е потврдено и од поновите истражувања, од Meyer и соработници (2002) и Думурџанов, Милутиновиќ и Шалиќ (2016). Раседот е стар околу 13 милиони години и кај с.Крупник по должината на неговата траса се јавуваат скарпи (површински отсеци) со вкупна должина до 15m и височина до 2m, формирани за време на земјотресот од 1904 година (Ambraseys, 2001). Наложениот расед е од нормален (гравитационен) тип, со протегање североисток-југозапад (Meyer и соработници, 2002) и паден наклон кон северозапад под агол 60-70°. На територијата на Македонија овој расед припаѓа на зоната која се протега по трасата Пехчево-с.Блатец-Виница-Штип-Лакавичка депресија-Стоби.Според литолошките структури кои контактираат помеѓу себе надолжно, заклучено е дека овој расед е реактивиран во неотектонската етапа. Најголема активност во најново време покажал во околината на Кресна, Бугарија, каде се вкрстува со Плачковичкиот расед, Струмските раседи, и други раседи создавајки сеизмогено жариште со највисока регистрирана магнитуда на Балканот ML=7.5.

Ефекти врз изградената околина и природната средина

Пред земјотрестот кој претходел на главниот удар, бил исто така силно почуствуван во регионот и предизвикал сериозни оштетувања на објектите, посебно во регионите на с.Блатец, Берово и Пехчево. Од пишаните архиви се дознава и дека истиот предизвикал и човечки жртви. Штетите биле уште поголеми и катастрофални од ударот кој следел дваесетина минути покасно. Разурнувачкото дејство било евидентно во радиус од околу 40 km, поточно од градот Кочани на запад па сѐ до Разлог на исток, Благоевград и Делчево на север па сѐ до Берово и с.Ново Село на југ.

Слика 5. Карактеристични оштетувања во Пехчевско. Извор на податоци: http://pehcevo.gov.mk/wp-content/uploads/2014/04/yemljotres2.jpg

Повеќе населени места претрпеле скоро целосно уништување, и тоа на територијата на денешна Бугарија: делови од Благоевград, с.Церово, с.Извориште, с.Крупник, с.Брежани, с.Тросково, додека на територијата на денешна Македонија: Пехчево, Берово, с.Сушица, с.Габрово, с.Ратево, с.Разловци, с.Тработивиште, с.Град, с.Стамер, с.Звигор, с.Блатец, с.Лаки, и др. Во периферните области на епицентралното подрачје, во сите населени места без исклучок, биле сериозно оштетени ѕиданите конструкции (претежно цркви, џамии, управно-општествени згради), а станбените објекти биле со различен степен на оштетување од кои половината скоро и неупотребливи. Кај сите нив камените зидови и оџаците биле сериозно оштетени (Слики 5 и 6).

Слика 6. Карактеристични оштетувања во Пехчевско од земјотресот во 1904 година. Извор на податоци: http://www.igeografija.mk/Portal/?p=4913

Во многу населени места утврдена е појавата на ликвифакција – феномен во кој почвата под дејство на динамичкото влијание на земјотресот ги губи своите механички својства и добива особини на вискозна средина. Појавата на ликвифакција (Слика 7) е често проследена со избивање на подземни води и е причина плус за сериозни оштетувања на објектите и појава на поплави. Ликвифакционите ефекти биле забележани по теченијата на реките Брегалница, Струма, Рилска река, некои делови од Повардарието, реката Морава, реките Панега, Искр и некои други помали реки во регионот. Многу населени места по теченијата на овие реки претрпеле сериозни оштетувања како резултат на ликвифакцијата, а голем дел од нив биле и дополнително поплавени. Постојат податоци дека на 12km од Кочани, во близината на селата Јакимово и Облешево се појавиле и гејзери кои исфрлале подземна вода од 2-3m во височина. Исто така постои и податок дека југо-источно од Благоевград се појавиле извори на топла вода кои биле причина за топење на големи површини под снег во повисоките околни региони. Ликвифакционите ефекти биле забележани и во некои поголеми населени места како Кочани, Делчево, Демир Капија, Неготино, Врање и др., односно дури и на оддалеченост од 70 km од с.Крупник.

Силината на земјотресот не ги поштедила ни патиштата и мостовите. Според пишаните документи одреден број на патишта, особено оние по долината на реката Струма биле распукани или непристапни заради одроните и свлечиштата кои се појавиле како резултат на земјотресот. Железничката линија која го заобиколувала епицентралното подрачје од југо-западна страна на оддалеченост од 50 km и ги поврзувала Истанбул-Солун-Скопје-Белград останала неоштетена. Оштетени биле само некои железнички станици и други придружни објекти.За време на овој земјотрес бил сериозно оштетен и Рилскиот манастир (35km од Кресна) каде во сите цркви на комплексот камените ѕидови биле со сериозни оштетувања и сите оџаци биле паднати. Некои од пишаните документи дури јавуват и за појава на оштетувања и на некои стари куќи во Сoлун (130 km од Кресна), па дури и за една жртва како поседица на пад на корниза во Српското училиште во Солун.

Сведоштва

Во периодот 1965-1970 год. е направен обид да се соберат информации од сеќавањата на локалното население кое го преживеало овој земјотрес. Собраните информации не се од особена вредност бидејќи најголем дел од локалното население кое го преживеало земјотресот се иселило веднаш после самиот земјотрес или за време на размената на население после Балканските војни (1912-1913). Денес не може да се најде точна или приближно точна информација за бројот на жртвите во овој земјотрес. За Пехчево се знае дека најголемиот број на жртви и повредени (12 жртви во градот и 38 во непосредната околина; и околу 100 повредени) се предизвикани од пред-земјотресот. За време на главниот удар скоро сите мештани биле надвор од објектите. Заради сериозните штети кои се јавиле на јавните и верските објекти, како и на тогаш новоизградениот патен правец по должина на реката Струма, во областите Едрене, Солун, Јанина, Битола и Косово, за надминување и санирање на наведените состојби, турските власти презедоа административни мерки кои резултираа во ослободување од данок и кредитирање пласирано преку тогашната Земјоделската Банка. Не постојат информации дека овие мерки биле на располагање и на селаните за обнова на своите домови.

Сеизмичка опасност за Пехчево

Градот Пехчево според најновите карти на сеизмичко зонирање (Слика 8) спаѓа во зона со највисока сеизмичност во Македонија (Z-5). Оттаму, објектите кои ќе се градат во овој регион според европсите прописи ќе захтеваат највисоко ниво на сеизмичка заштита.

Автори:

  • Зоран Милутиновиќ, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
  • Драгана Черних-Анастасовска, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Природно-математички факултет, Сеизмолошка обсерваторија.
  • Никола Думурџанов, Рударско-геолошки факултет во Штип.
  • Радмила Шалиќ, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
  • Катерина Дрогрешка, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Природно-математички факултет, Сеизмолошка обсерваторија.
  • Вера Чејковска, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Природно-математички факултет, Сеизмолошка обсерваторија.
  • Јасмина Најдовска, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Природно-математички факултет, Сеизмолошка обсерваторија.
  • Даниел Томиќ, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).