Мицкоски за градежниот бум ширум државата: Македонија се сака со дела, правиме подобри услови за граѓаните

77

Вредноста на проектот е 37.300.000 евра од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра се обезбедени од Буџетот.

Годината ја започнавме со пуштање во употреба на еден ваков, преубав експресен пат кој што ги поврзува Куманово и Крива Паланка. Сега го пуштаме овој пат преубав кој е дел од Коридор 10, а за неколку дена од денес ќе го пуштиме првиот дел од пругата кон Бугарија која што треба да го поврзе Куманово со Бељаковце. Ова се три проекта кои треба да го одбележат почетокот на оваа година и кои што многу лесно можеше да бидат споменици на едно лошо време кое сите се трудиме да остане во заборав.

Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски кој денес ја пушти во употреба  делницата Градско-Дреново (дел од експресниот пат Градско-Фариш).

Тој пред официјалниот настан разговарал и со работниците кои учествувале во градбата на патот на кои им се заблагодари и посочи дека тие ја имаат најголемата заслуга.

-Ќе продолжиме и понатаму да ги развиваме проектите, тоа е многу значајно за нас бидејќи ние сме земја која што во суштина нема излез на море, не изобилува со некои ресурси како нафта и гас и тоа во одредена смисла на зборот претставува некаков недостаток. Но тоа кое што ние го имаме, другите балкански земјо го немаат, а тоа е дека ние сме природна раскрсница на многу важни два паневропски коридори. Тоа се Коридор 8 и Коридор 10, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека продолжува проектирањето на делот до Прилеп преку Плетвар, а истовремено со несмалена динамика продолжува изградбата на автопатот од Прилеп до Битола.

-Се обидуваме да најдеме начин како да обезбедиме средства да ја завршиме обиколницата околу Битола до ГП Меџитлија со што на еден брз начин би се кориостела и оваа отсечка на Коридорот 10 преку која милиони возила годишно сообраќаат. Продолжуваме и со изградбата на Коридорот 8, со несмелена дионамика се градеше до пред да заврне снегот на автопатот кој Кичево ќе го поврзе со Охрид. Очекувам дека отсечката од Врбјани до Охртид, со можеби мало исклучување кај Ботун, да биде пуштена на почетокот од оваа туристичка сезона, а целосно таа делница да биде затворена до крајот на 2026-та година, рече премиерот.

Мицкоски посочи дека на тој начин се гради и се сака татковината.

-На тој начин ние правиме подобри услови за граѓаните и на тој начин ние ќе продолжиме да работиме затоа што само така ќе покажеме дека принципот како до сега заврши и остана на една друга страна од нашето минато и дека сега е моментот кога ја градиме државата и на тој начин Македонија се сака со дела и Македонија ќе биде повторно горда, истакна Мицкоски.

Делницата Градско-Дреново е во должина од 15,5 километри плус еден километар од делницата Фариш-Дреново или вкупно 16,5 километри од експресниот пат.

Вредноста на проектот е 37.300.000 евра од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра се обезбедени од Буџетот.