Она што е важно е дека ние нема да поставиме особени ограничувања за туристите, вели министерот за надворешни работи на Грција Милитиадис Варвициотис во интервјуто за грчката телевизија „МЕГА“, објаснувајќи дека ќе се обидат туризмот да го отворат на ист начин за сите земји.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, прашан за веројатноста за спроведување тестови за Ковид-19 за туристите вели дека нема нешто такво на ум, „но се чини дека нема да одиме на некоја логика за некој конкретен тест или национални правила за тест“, додавајќи дека и тој лично го чека утрешното обраќање на Мицотакис за да ги чуе предлозите.
Варвициотис објаснува дека нема да постои карантин за оние кои доаѓаат во Грција, но ќе има, како што рече „куса здравствена контрола при пристигнувањето“.
Патниците кои што ќе пристигнуваат нема ниту да бидат ставени во карантин, ниту ќе бидат должни да прават тест за новиот коронавирус.
-Второто беше нешто што Грција го побара, но како што е познато од минатата седмица, Европската унија, како и надлежните европски организации (Европски центар за превенција на болести и Европската агенција за безбедност во воздухопловството) одлучија дека тестовите како предуслов за патување не се поткрепени од постоечките научни сознанија или достапните методи за тестирање.
Сепак, во Грција, во изминатиот период, кога станува збор за туризмот и туристите, како и за начинот на патување и слично, акцентот се става на оние кои авионски пристигнуваат во земјата.
Во однос на тоа кога Грција би можела да прими туристи треба да се финализира датумот, дали тоа ќе биде најдоцна на 1 јули, или пак можеби и порано, на 15 јуни.
Хотелите кои што работат во текот на целата година, предвидено е да се отворат на 1 јуни, додека пак сезонските туристички објекти, во текот на следниот месец, најверојатно на 15 јуни.
Грција на 15. јуни ќе ги отвори границите за туристички патувања. Ова го најави премиерот на земјата Кирјакос Мицотакис за време на видео состанокот со челниците на Србија, Бугарија и Романија, на кој станало збор за соработката меѓу овие четири земји.
Од 1. јуни Грција ги отвора границите за службени патувања, сезонски работници и членовите на фамилиите кои живеат во странство.
Србија најави отворање на границите на 1. јуни, притоа премиерката Ана Брнабиќ истакна дека за македонските државјани ќе нема потреба од негативен тест за коронавирус.
Засега од Грција нема официјално најави на кој начин ќе бидат отворени, односно дали ќе има потреба за тестирање. Вчера министерот за туризам оптимистички најави дека од 1. јули веројатно ќе нема потреба за негативен тест за да се влезе на територијата на Грција.