Милан „купува“ место во ЛШ: Покрај Пакета, Златан и Фабрегас, пристигнуваат уште две засилувања

805

Милан во моментов е на позиција која води во Лигата на шампионите, има полесен распоред од директните ривали до јануари и планот е до следната година да остане на таа позиција, а потоа со неколку засилувања да се зацврсти меѓу патниците во ЛШ.

„Росонерите“ имаат четири бода помалку од Наполи и Интер кои ја делат втората позиција, но во следните пет кола Интер игра со Јувентус и има меѓусебен дуел со Наполи. Следбениците како Лацио имаат некои тешки гостувања, така што на „Росонерите“ им се отвораат многу опции. Меѓутоа, проблем е тоа што Гатузо не може да смета на половина тим поради повреди. Засилувањата се неопходни, а директорскиот трилинг Газидис – Леонардо – Малдини работи со полна пареа.

Првото големо засилување ќе биде бразилскиот офанзивен играч за врска Лукас Пакета кој пред две вечери го одигра последниот меч за Фламенго и во следните денови ќе го реализира трансферот вреден 35.000.000 евра. Него го бараа многу посилни клубови од МИлан како Реал или ПСЖ, но Леонардо успеа да го наговори и да го грабне пред конкуренцијата.

Се очекува новиот генерален директор Иван Газидис наскоро да го заврши и доаѓањето на Златан Ибрахимовиќ на позајмица, а многу блиску е и Сеск Фабрегас кој сака да си оди од Челзи. Таму е резерва, а договорот му истекува на крајот од сезоната. Фабрегас е само принудно решение бидејќи „Росонерите“ како главна мета за средниот ред го означија Ремо Фројлер од Аталанта чија цена е околу 18.000.000 евра, но клубот од Бергамо не сака да го продаде пред летото.

Меѓутоа, тоа не е се кога се однесува на средниот ред. Милан го сака и Денис Суарез од Барселона кој не добива минутажа кај Валверде. „Росонерите“ би го доведе Шпанецот на позајмица со опција за откуп на договорот. Предлогот ќе биде некоја поевтина позајмица и без опција за задолжително купување. На Барса тоа не и одговара, но Суарез сака да игра и возможно е Каталонците да му излезат во пресрет.

Ако не успеат со Суарез, Милан ќе се обиде да го доведе Стефано Сенси од Сасуоло кој игра во фантастична форма оваа сезона. Детето на Рома веќе тргна по стапките на Пелегрини и Политано кои експлодираа во Сасуоло пред да се преселат во поголеми клубови. Сепак, многу е поверојатна опцијата Сасуоло да не прифати продажба на Сенси пред летото како што беше и претходно со нивните млади ѕвезди.

На крајот, на „Росонерите“ им е неопходен и стопер, а во последно време растат шансите за доведување на Мехди Бенатија, кој не е задоволен со статусот во Јувентус. Сепак, клубот од Торино бара превисоки 20.000.000 евра за Мароканецот.