Бизнисменот и милијардер Марк Кубан е страсен читател, до таа мера што во секоја прилика нагласува дека неговата љубопитност и постојаното учење се клучни за неговиот успех во работата.
Помеѓу сите книги кои ги прочитал, една се издвојува по тоа што, како што тврди Кубан, му помогнала на почетокот на својата кариера да се фокусира на целите кои си ги поставил.
Тоа е “Cashing in on the American Dream: How to Retire at 35” од авторот Пол Терхорст, книговодител кој станал писател, во која детално опишува дека би можел да се пензионира на 35 години.
Претпоставката на книгата е дека „ако би можеле да заштедите до милион долари и да живеете како студент, би можеле и да се пензионирате“, изјавил Марк кој откако ја прочитал оваа книга, бил одлучен во тоа да ја заштеди секоја пара.
„Мојата цел беше да се пензионирам бидејќи го сакав своето време само за себе. Тоа е единствената работа за која нема да добиете втора шанса и бев спремен да се откажам од многу работи за да го остварам она што го зацртав“, рекол тој.
За да заштеди пари, Кубан открил дека кон крајот на 80-те и 90-те години на минатиот век јадел макарони со сирење и го возел „најлошиот можен автомобил“ – напрвин „Fiat X1/9“ кој имал дупка на подот, а потоа и „Buick LeSabre“ од 1966 година.

Откако во 1983 година ја основал „MicroSolutions“, милијардерот признал дека цели 7 години не заминал на одмор.
Иако неговата првобитната цел била што порано да замине во пензија, тој никогаш не престанал да работи дури ни откако се збогатил и станал милијардер. Неговото богатство денес е проценето на повеќе од 4 милијарди долари, а вложува во широк индустриски спектар – од роботика преку соларни панели па се до здрави колачиња.