Кинескиот милијардер кој го критикуваше претседателот Си Џинпинг поради начинот на кој управуваше со кризата на коронавирусот беше обвинет за корупција, па набрзо и осуден на 18 години затворска казна.
69-годишниот Рен Зигјанг е пензиониран тајкун кој беше во многу блиски односи со кинеските власти. Тој исчезна во март откако наводно објавил есеј во кој го критикува одговорот на Си Џинпинг на епидемијата на коронавирусот. Подоцна беше обвинет за корупција.
Денес, судот во Пекинг го прогласи Рен за виновен по повеќе точки од обвинението, вклучувајќи проневера од 16,3 милиони долари од јавните фондови, примање на мито и злоупотреба на положбата која довела до 17,2 милиони долари загуба во некогаш државната компанија „Хуајуан“ кој ја водел одреден период.

Осуден е на 18 години затвор и парична казна од 620 илјади долари, а во соопштението е наведено дека Зигјанг „доброволно ги признал сите злочини“.
Рен, како што пренесува „Гардијан“ е влијателен критичар на кинеската Комунистичка партија кој го нарекол претседателот Си Џинпинг „кловн“. Набрзо по таквата изјава против него била отворена истрага поради „сериозно прекршување на законите“.
Во документот кој Рен го објавил по говорот на Си Џинпинг во февруари, пишуивало дека тој „не видел лидер кој стоел покажувајќи нова облека, туку кловн кој инсистира да стане цар“.

„Реалноста која ја покажува оваа епидемија е дека партијата ги брани сопствените интереси, владините службеници ги бранат своите интереси, а монархот го брани својот статус“, стои во преведената верзија на есејот.
Рен и во 2016-та година беше осуден, меѓутоа на условна казна поради неговите јавни критики на владините политики. Неговите профили на социјалните мрежи кои имаа десетина милиони следбеници беа деактивирани.