Министерот за култура Асаф Адеми поднесе oставка

903

Министерот за култура Асаф Адеми денеска поднесе оставка од функцијата, а ова го соопшти на прес-конференција во партиското седиште на „Алтернатива“ во скопска „Мавровка“.

„Побарав да се повлечам од должноста на министерот за култура. Оставката ја поднесувам од здравствени причини. За истата се подготвував и пред изборите но не сакав таа да влијае на изборниот процес и одлучивме дека нејзиното објавување ќе го направи по крајот на процесот. Мојата официјална оставка, му ја дадов на премиерот, г-дин Зоран Заев, на кого исто така му благодарам за добрата соработка и до назначувањето на новиот министер ќе продолжам да ги исполнувам обврските кон Министерството за култура“, изјави Адеми.

Оставката ја поднесува поради здравствени причини и во консултации со партискиот лидер Африм Гаши. Асаф Адеми е втор министер за култура во актуелната Влада кој се повлекува од функцијата. Пред него Министерството за култура го водеше Роберт Алаѓозовски.

Заев: Адеми ја најавуваше оставката повеќе од шест месеци

Премиерот Зоран Заев изјави дека ја очекувал оставката од министерот за култура Асаф Адеми, кој денеска објави дека се повлекува од функцијата поради здравствени причини.

– Тој ја најавуваше оставката повеќе од шест месеци и има здравствени проблеми. Сакаше да ја поднесе оставката уште пред Програмата за култура, но знаете дека имаше дилема дали ќе се оди на претседателски заедно со парламентарни избори, па потоа се одлучивме на претседателски. Молбата од мене како мандатор и премиер беше да се почека, да поминат изборите – изјави Заев во Владата.

Премиерот додаде дека има разбирање за здравствената состојба на Адеми и за неговиот личен однос по ова прашање.

– Тој утрово ме информираше за деталите. Денеска знам дека има закажано прес-конференција и потоа ќе пиеме заедно кафе. Верувам дека во неговиот иден живот ќе можеме повторно да соработуваме, но ова е само уште едно испразнето место кое ќе биде дел на новата реконструкција – истакна Заев.

Тој изрази благодарност до Асаф Адеми за неговиот ангажман во културата.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека тој лично размислува за новиот министер за култура и додаде оти се уште не е подготвен да соопштува имиња.