Министрите на Грција и Турција се искараа пред новинарите во Анкара

724

Грчките и турските министри за надворешни работи, Никос Дендијас и Мевлут Чавушоглу, имаа вербален конфликт на прес-конференцијата во Анкара, бидејќи не се согласија за повеќе билатерални прашања. Чавушоглу и Дендијас пред камерите изнесоа спротивставени ставови за поморските граници, мигрантите и третманот на малцинствата.

Грчкиот министер е во Турција за да почне дијалог за решавање на билатералните спорови.

„Ако изнесувате толку тешки обвинувања против мојата земја и мојот народ, јас сум должен да одговорам“, рече Чавушоглу, видно незадоволен од изјавите на својот грчки колега.

Дендијас особено ги критикуваше активностите на Турција во Егејско Море и источниот дел на Средоземно Море, како и примената на Турција на договорот со ЕУ за мигрантите.

„Позицијата на Грција е јасна и вие не ја слушате првпат. Турција ги крши меѓународното право и поморската конвенција во Егејско Море и источниот дел на Средоземно Море, како и суверените права на Грција, бидејќи спроведе 400 лета над грчкото тло“, рече Дендијас.

Чавушоглу возврати дека Анкара во Средоземно Море ги штити интересите на Турција и на кипарските Турци, додека за договорот рече дека Турција „пристојно“ го спроведува.

Турскиот министер неколку пати повтори дека она што Дендијас го зборува е „неприфатливо“.

Грција и Турција, кои со години имаат деликатни односи, се расправаат околу разграничувањето на зоната за експлоатација на гас во источен Медитеран.

Односите беа затегнати и од меѓусебното незадоволство од третманот на муслиманските малцинства во Грција и православните малцинства во Турција.