Мистерија која ја тресе Германија: Семејството не ја губи надежта за исчезнатата ќерка – сите очи се вперени во овој човек

1209

Истрагата за 15-годишната Ребека Ројш од Берлин која исчезна на 18-ти февруари и натаму тапка во место, а иако многумина веруваат дека е убиена, нејзиното семејство, очекувано, во никој случај не ја губи надежта.

Главниот осомничен, зетот на Ребека, 27-годишниот Флоријан Р. се наоѓа во притвор и се брани со молчење. Тој само рекол дека нема никаква врска со исчезнувањето на Ребека, а како што пренесува „Билд“, истрагата тапка во место.

И натаму не е јасно што правел Флоријан Р. утрото кога Ребека исчезнала. Камерата во 10:45 часот на автопатот А12 кон Франкфурт го снимила семејниот автомобил, а Флоријан, како што изјавил таткото на Ребека, бил на пат за Полска поради „договор за шверц на дрога“.

Во багажникот на автомобилот, со кој што отпатувал истиот ден кога Ребека исчезнала, најдени биле влакна од нејзината коса, а тоа засега е главниот доказ против Флоријан.

Да потсетиме, девојчето од Берлин исчезна пред три седмици и прашањето што се случило со неа ја заинтригира цела Германија. Полицијата со помош на кучиња ја пребарала целата околна шума, но потрагата завршила без резултати.

Засега истрагата е закочена, а за новите чекори ќе треба да одлучи комисијата за убиство. За обвинението за убиство не е потребно да се пронајде телото, откриваат експертите, но во тој случај истражителите ќе мора да пронајдат доволно силни докази.