Мистеријата на исчезнувањето на Ким: Сателит ја снимил неговата луксузна јахта како плови во близина на неговата омилена вила

554

Сателитските снимки кои ги прикажуваат неодамнешните движења на луксузните бродови, кои ги користи севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во близина на Вонсан, наведуваат дека тој бил во тој приморски ресорт.

Шпекулациите за здравјето на Ким и за тоа каде се наоѓа се засилени откако тој не присуствувал на прославата по повод роденденот на Ким Ил Сунг, на 15-ти април, кој е најважен национален празник, пренесува “Reuters”.

Интернет страната за следење на Северна Кореја, NK PRO, вчера прикажала комерцијални сателитски снимки на кои се гледаат бродовите со кои Ким често плови, што сугерира дека тој можеби се наоѓа во областа Вонсан.

Претходно, минатата седмица бил објавен и извештај за проектот за следење на Северна Кореја со седиште во САД, 38 Север, за сателитските снимки од тоа што се верува дека е личниот воз на Ким кој се наоѓал на станицата резервирана за негова употреба кај вилата во Вонсан.

Властите во Јужна Кореја и САД наведуваат дека е можно Ким да се наоѓа таму за да избегне изложеност на коронавирусот.

Во приморската населба Вонсан, на источниот брег, се наоѓа и вила за гости, приватна плажа, кошаркарски терен и приватна железничка станица, наведуваат експертите.

“Тоа е една од неговите омилени куќи”, изјавил Мајл Меден, експерт за Северна Кореја.

Вонсан е и добро позициониран, па му овозможува на Ким лесно да патува во остатите подрачја крај брегот.