Херојот на Србија, Александар Митровиќ, кој го даде решавачкиот гол во Лисабон по кој северните соседи ја победија Португалија со 2-1 и обезбедија директен пласман на Светското првенство во Катар догодина е пред трансфер во најтрофејниот италијански клуб Јувентус за 40 милиони евра.
Митровиќ, според информациите на „Еуроспорт“ би требало да ја засили „старата дама“ откако од Торино веќе ја испратиле милионската понуда за негов ангажман до Фулам, членот на англискиот Чемпионшип и се очекува да биде прифатена. Со ова, ако лондончани прифатат, а Митровиќ секако дојде во Торино, Јувентус и официјално отстапува од идејата да го купи вториот супернапаѓач на Србија, Душан Влаховиќ од Фиорентина, кој во моментов чини двојно повеќе од неговиот сонародник.
Јувентус сезонава се мачи во нападот, а и нема доволно адути за голови, па само 27 погодици има постигнато „старата дама“ во овој прв дел од сезоната, а Митровиќ во Чемпионшип досега има дадено 22 гола.
Според најавите, Јувентус веќе се откажал од опцијата да го откупи Алваро Мората и него ќе го вратат во Атлетико Мадрид, па српската ѕвезда треба да биде ударна игла на најтрофејниот калчолигаш.