“Многумина имаат и пари и моќ, па сепак се несреќни” – запомнете ги овие зборови на Херман Хесе

594

“И најнесреќниот живот има свои сончеви часови и под песокот и камењата, свои ситни цветови на среќа”, вели германскиот писател.

“Како што стареев, сè помалку ме исполнуваа малите задоволства кои ми ги овозможуваше животот и сè појасно сфаќав каде треба да ги барам вистинските извори на радоста и на смислата. Научив дека, да се биде сакан не значи ништо, а да се сака значи сè, дека способноста да чувствуваме е тоа што му дава вредност и убавина на нашето постоење.

Ако било каде на земјата се појави нешто што би можело да се нарече среќа, тоа нешто е сочинето од емоции. Парите се ништо, моќта е ништо. Многумина го имаат и едното и другото, па сепак се несреќни. Убавината е ништо. Сум видел убави мажи и убави жени кои биле несреќни и покрај нивната убавина.

Ниту здравјето не е сè; секој е здрав ако така се чувствува. Има болни кои се полни со волја за живот која ја негуваат до самиот крај и има здрави луѓе кои венеат, измачувани од стравот од страдање. Но, среќата секогаш била таму каде што некој знаел да сака и живеел за своите чувства.

Ако ги негувал, ако не ги газел и потиснувал, тие му носеле задоволство. Убавината не му обезбедува радост на тој што ја поседува, туку на тој што умее да ја сака и да ја обожува.

Страдањето предизвикува болка само затоа што се плашиш од него. Тоа те прогонува бидејќи бегаш од него. Не мораш да бегаш, не мораш да се плашиш. Сакај го страдањето. Не му се спротивставувај, почувствувај колку тоа во својата длабочина е слатко, препушти му се и не примај го со омраза. Твојата омраза е таа која ти нанесува болка и ништо друго. Страдањето не е страдање, смртта не е смрт, ако ти не ги направиш да бидат тоа”.