Морничав масакр во САД: Убиени се 8 членови на семејство во четири куќи – сторителите се криеле 2 и пол години

841

Дури осум лица, на возраст од 16 до 44 години беа пронајдени мртви во различни куќи на една фарма за марихуана во американската сојузна држава Охајо, по што е уапсено четиричлено семејство.

Телата на убиените биле пронајдени во 2016-та година, а уапсени биле родителите Џорџ Бил Вагнер и Ангела Вагнер, заедно со нивните синови, 27-годишниот Џорџ и 26-годишниот Едвард Џејк. Тие се обвинети за убиство, планирање на злосторството, но и за други прекршоци како што е корупција, прикривање на докази и попречување на правосудството.

Џејк бил поранешен дечко на една од жртвите, 19-годишната Хана Роуден со која што во тоа време го делел старателството над нивната ќерка. Хана била пронајдена мртва во кревет заедно со своето бебе кое што било старо само четири дена. Новороденчето преживеало, како и уште две деца на фармата на возраст од 6 месеци и 3 години.

„Истрагата покажа дека обвинетите ги следеле навиките и секојдневните рутини на своите жртви. Нивните домови им биле познати, а знаеле и каде спијат“, изјави обвинителот за американските медиуми и додаде дека овој случај е поврзан со опсесија за старателството на децата.

Утврдено е дека секоја од жртвите починала од рани од куршуми, а една од жртвите била застрелана дури девет пати. Обдукцијата покажа дека жртвите пред убиството се бореле со напаѓачите. На три од четирите места на злосторства била откриена марихуана.

Кога обвинителот минатата година ја повика јавноста да даде информации за семејството Вагнер, многумина тврдеа дека тие се жртвите, додека пак вистинските убијци се „некаде во бегство“.

„Едвај го чекаме денот кога ќе се откријат и уапсат вистинските виновници за оваа страшна трагедија. И семејството Вагнер се надева дека во следните месеци ќе бидат познати сите факти“, изјави после апсењето нивниот адвокат Џон Кларк.

Семејството Вагнер за време на убиствата живеело во Охајо, но потоа се преселиле на Аљаска.