Главниот противник на вакцинацијата, италијанскиот политичар Масимилијано Федрига, оваа седмица бил хоспитализиран откако заболел од мали сипаници.
Федрига е член на десничарската партија Северна Лига, а на својот профил на социјалната мрежа „Твитер“ потврдил дека е болен.
Тој во изминатите неколку месеци цврсто стоеше на својот став против предлог законот за задолжителна вакцинација на сите деца во Италија пред да тргнат на училиште. Законот инаку беше изгласан, па тој предвидува казна за родителите и забрана на децата кои не се вакцинирани да посетуваат училиште.
Откако излегол од болница после четиридневното лекување, овој италијански политичар за тамошните медиуми изјавил дека е добро и им се заблагодарил на сите за грижата.

Угледниот италијански микробиолог, Роберто Буриони вели дека случајот со Масимилијано Федрига може да послужи за започнување на една дебата во италијанското општество за заболувањето на возрасните лица од мали сипаници.
„Господин Федрига, како и повеќето возрасни, не бил вакциниран. Доколку тој бил вакциниран, сега ќе беше совршено здрав. Доколку се случело да зарази бремена жена, големи се шансите тоа дете да се роди со деформитет. Единствениот начин да се избегнат такви работи е вакцинацијата“, порача Буриони.