Застрашувачките податоци за климатските промени, одговорни, меѓу другото, за неодамнешните поплави во Германија, но и за актуелните пожари во Грција, го загрижиле целиот свет дека човековото делување ја носи Земјата до работ на пропаст.
Човековите активности без никакви сомнежи влијаат на климатските промени, а време има се помалку, гласи заклучокот на најопширниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), кој практично функционира како Одбор за клима при Обединетите нации.
“Денешниот извештај на работната група “IPCC” е црвен аларм за човештвото. Ѕвоната за тревога се прегласни. Извештајот мора да биде посмртно ѕвоно за јаглерод-диоксидот и фосилните горива пред да ја уништат нашата планета”, предупредил генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Најопширниот извештај досега е заснован на истражувањата на повеќе од 14.000 научници низ светот кои покажале голем ентузијазам, па и покрај пандемијата на коронавирусот, не престанувале секојдневно да комуницираат за резултатите да ги направат попрецизни.
Заклучени е дека температурата во наредните 20 години сигурно ќе порасне за 1,5 степени, како и дека во историјата не е забележана поголема емисија на јаглерод диоксид како во овој период. Исто така, нивото на морето е највисоко во последните 3.000 години, а нивото на мразот на арктичкото море е најниско во последните 1.000 години. Секој испумпан тон јаглерод-диоксид го зголемува ризикот од екстремни горештини, поплави и суши. Корелацијата е јасна и докажана.

Човековите активности, без сомнеж, се главна причина за жешките бранови и загревањето на океаните и повлекувањето на мразот. “IPCC” предупредува дека и покрај потенцијалното намалување на емисијата, во наредната деценија просечните температури ќе растат, за 1,5 степени до 2040-та година и потенцијално за 1,6 степени до 2060-та година. Дури тогаш би можела да се стабилизира.
Земјата не била толку топла од плиоценот, што било пред четири милиони години. Колку за споредба, океаните тогаш биле 25 метри повисоки отколку денеска.

“Глобалното затоплување веројатно ќе предизвика екстремни временски непогоди во делови на светот каде порано немало такви настани. Катастрофите предизвикани од високите нивоа на морињата, кои се забележуваат еднаш во сто години, сега би можеле да се случуваат еднаш или два пати во само една деценија. Големи пожари можеме да очекуваме и таму никогаш немало”, стои во извештајот, додека д-р Фредерик Ото од Универзитетот Оксфорд во Британија уште попрецизно предупредил како веќе сега е јасно дека во блиска иднина ќе бидат поинтензивни и почести топлотните бранови.
Инаку, извештајот за научната проценка се објавува на секои шест до седум години. Последниот, петтиот, е довршен во 2014-та година и создал темели за настанување на Парискиот договор.

“Пред јавноста се приложени докази. Климатската криза веќе започна и немаме веќе причини да се сомневаме дали човековите активности се поврзани со глобалното затоплување. Политичарите имаат доволно информации за да донесат одлуки кои можат да ја спасат планетата. Повеќе немаат причини за изговори”, заклучила коавторката на извештајот Соња Сеневиратне.
Потсетуваме, целата планета била сведок на застрашувачки бури и поплави, како тие во Германија и Белгија, но и пожари кои се уште се активни од Сибир, преку Турција, Грција и Македонија, до Калифорнија, што предизвикало страв дека Земјата се наоѓа на работ на пропаст.