Македонците денеска одбележуваат 149 години од раѓањето на великанот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, кој ослободувањето на Македонија го гледал само од самите Македонци:
„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите“, гласи една од пораките на великанот.
Идеологот на македонската револуционерна борба за самостојна Македонија е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во Егејскиот дел на Македонија, син на Султана и Никола Делчеви.
Тој бил визионер, кој пред повеќе од еден век го разбра светот „како поле за културен натпревар меѓу народите“.
Делчев се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на ЦК на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
– Гоцевата визија за светот како поле за културен натпревар меѓу народите не е само негова лична импресија, туку експресија на генетскиот код на македонската цивилизација како цивилизација на мирот и љубовта наспроти омразата и војната, на толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата, се вели во пораката од Светскиот македонски конгрес, по повод роденденот на великанот.
Делчев учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Убиен е на 4 мај 1903 година во селото Баница во екот на подготовките за Илинденското востание.
Тој бил против прераното започнување на востанието.