На Детска клиника хоспитализирани 20 деца болни од корона, најмалото има само 1,5 месец

780

Детската болница Козле, од понеделникот е ковид-центар, а сите деца кои биле претходно хоспитализирани од Козле се пренесени на Детската клиника во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

-Донесени се вкупно 16  деца болни од ковид-19, а претходно, имавме четири болни исто така од вирусот што значи дека во моментов имаме вкупно 20 деца хоспитализирани на нашата клиника. Сите деца се сместени заедно со мајките кои се исто така ковид-позитивни, изјави за весникот ВЕЧЕР директорката на Детската клиника Аспазија Софијанова.

Таа вели дека најмалото хоспитализирано дете е бебе кое има само 1,5 месец. Исто така, Софијанова откри дека во секој момент очекува од Струмица да пристигне едно 15-годишно момче да стигне за болничко лекување.

И неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 15 до 21 март најголемо процентуално зголемување во однос на претходната недела е забележано кај возрасните групи од 10 до 19 години (33,1 отсто), потоа следат болните на возраст од 50 до 59 години (32,1 отсто) и од 40 до 49 години (30,2 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=144; 2,1 отсто) и од 10 до 19 години (n=334; 4,8 отсто). Според извештајот, и натаму, најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.772, 25,7 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години (n=1.303; 18,9 отсто), од 40 до 49 години (n=1.272; 18,4 отсто), од 50 до 59 години (n=1.210; 17,5 отсто) и од 20 до 29 години (n=864; 12,5 отсто).

Според Министерството за здравство на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 1.392 пациенти со ковид-19. Има околу 300 празни болнички кревети во ковид-центрите.

Тестирани се вкупно 24.517 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 8,4 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 6.899 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 26,4 отсто во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=3.441; 49,9 отсто), со неделна инциденца – 557,1/100.000. Највисока неделна инциденца од 899,1/100.000 е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија). Процентот на позитивност се движи од 23,4 отсто до 32,3 отсто, просечно 27,9 отсто, што е за три отсто повеќе во споредба со минатата недела.

Во изминативе седум дена, пријавени се 158 смртни случаи од 27 градови, 22,5 отсто повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 135 лицa биле над 60 години, 19 лица на возраст од 50-59 години, три лица од возрасната група од 40 до 49 години и едно лице на возраст од 30 до 39 години.

Според извештајот, во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 70 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 569 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.