Лорна Никсон Браун во 2015 година била запрепастена кога, како здрава 26-годишна девојка, ѝ бил дијагностициран рак на тироидната жлeзда.
„Јас тогаш воопшто и не се чувствував болно“, рекла Лорна, додавајќи дека поради тоа уште повеќе се шокирала од дијагнозата.
Оваа млада актерка и продуцентка од Австралија потоа сфатила дека еден симптом на болеста постојано ѝ бил „пред нос“, а тоа одлучила да го покаже преку фотографија за да им укаже и на останатите да обрнат внимание.

„На левата фотографија јасно можете да видите грутка на мојот врат. Сепак, тогаш не ја забележавме“, изјавила Браун, мислејќи на себеси и својот брат кој тогаш ја фотографирал.
Вели дека нејзината мајка била таа која ја забележала грутката, но двете го припишале тоа на нејзиното губење килограми. Три месеци подоцна, Лорна посетила лекар каде ја добила дијагнозата на рак на тироидна жлезда.
Десната фотографија била направена откако ѝ била отстранета половина жлезда и сега е повеќе од една година во ремисија. Лорна вели дека е среќна што успеала да го победи ракот и дека нејзината мисија е да ја подигне свеста за оваа болест и нејзините симптоми.

Ракот на тироидна жлезда не е редок, а често се јавува без некои специфични симптоми во почетниот стадиум на болеста. Тој може да се препознае по некој од следните симптоми:
– грутка на вратот
– промена на гласот, вклучувајќи и зарипнатост
– потешкотии во голтањето
– болка во вратот и грлото
– отечени лимфни жлезди на вратот