На повидок историски договор? Нетанјаху во тајност ја посетил Саудиска Арабија, таму бил и Помпео

511

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера во тајност ја посетил Саудиска Арабија и се сретнал со саудискиот престолонаследник Мохамед Бин Салман и американскиот државен секретар Мајк Помпео кој се наоѓа во службена посета на заливската земја, пренесе денеска израелско државно радио.

Од канцеларијата на Нетанјаху и американската амбасада во Ерусалим засега не ја коментираат оваа вест.

Ави Шарф од весникот „Харец“ објави податоци од авионски лет, кои покажуваат дека авион полетал од Тел Авив и слетал во Неом на саудискиот брег на Црвеното море, каде што Бин Салман и Помпео имале закажан состанок.

Не е тајна дека Американците сега се обидуваат да ги натераат саудиските власти да го следат примерот на Обединетите Арапски Емирати и Бахреин и да воспостават диполоматски односи со Израел, нешто што би било голема победа за израелската држава.

„Ројтерс“ пренесува дека станува збор за политика на приближување на земји кои се противтежа на Иран. Ријад засега не размислува за нормализација на односите со Израел, истакнувајќи дека најпрвин треба да биде решено палестинското прашање.

Но, Саудијците им дозволија на израелските авиокомпании да прелетуваат преку нивниот воздушен простор до новите дестинации во Персискиот залив и Азија.