Најбогатата Израелка, Миријам Аделсон, која има и американско државјанство, го споредила претседателот на САД, Доналд Трамп, со библиските пророци во една статија објавена во весникот “Израел Денес”, поставувајќи го прашањето зошто тој не ужива поголема поддршка меѓу американските Евреи.
Не е новост дека Миријам и нејзиниот сопруг Шелдон Аделсон се големи фанови на Трамп.
Тие биле таканаречени мегадонатори на претседателската кампања на Трамп во 2016-та година, во која вложиле милиони долари.
Меѓутоа, докторката Аделсон сега отишла и чекор понапред.
Во весникот кој го издава посакала во иднина да се објави библиска книга наречена по Трамп.
“Зарем би било премногу да се молиме да дојде ден кога Библијата ќе добие “Книга за Трамп”, како што има книга во која се слави спасувањето на Евреите од древна Персија”, напишала таа.
Трамп минатата година ја наградил Аделсон, родена во Израел, со Медал на слободата како признание за нејзината лекарска кариера и филантропија.
Израелските медиуми неодамна објавиле дека сопругата на казино-магнатот Шелдон е најбогата личност во Израел оваа година.
Таа дошла до врвот на листата благодарение на неодамнешниот трансфер на имотот на нејзиниот сопруг.
Нејзиното богатство се проценува на 22 милијарди долари, од кои најголем дел се во акции во корпорацијата “Лас Вегас Сендс”, која минатата година и ја препишал сопругот.
Аделсон исто така го контролира и бесплатниот весник “Израел Денес”.