Најмногу снег наврна на Попова Шапка, температурите во текот на денот ќе се намалуваат

593

Највисока снежна покривка од 40 сантиметри утрово има на Попова Шапка, во Лазарополе 23 и во Маврово 13 сантиметри, информираат од УХМР.

Температурите секаде се над нулата, освен во Лазарополе каде што е измерено минус еден степен Целзиусов. Во Скопје е пет степени над нулата, во Охрид шест, Битола седум, а најтопло е во Штип со осум степени Целзиусови.

Во текот на ноќта беше облачно, во северозападните делови со врнежи од дожд, на планините од снег. Утрово врнежите се проширени во западните и северните делови од земјава. На повеќе места се уште дува главно умерен ветер од јужен правец. Во Скопската Котлина правецот на ветерот се смени во северен.

Температурата во текот на денот ќе се намалува, па мaксималните вредности на повеќето места ќе бидат оние измерени утрово, во интервал од 4 до 10 степени.