Најсмртоносен пожар во историјата на САД: Најмалку 50 мртви во Калифорнија, 228 лица се водат како исчезнати

866

Пожарот “Кемп” до вчера уништил површина од 50.000 хектари.

Во пожарите кои беснеат во Калифорнија загинале најмалку 50 лица, со што оваа огнена стихија станала најсмртоносна во историјата на таа американска сојузна држава.

Телата на уште шест жртви биле пронајдени во вторникот во Парадајс, на северот на Калифорнија, со што мрачниот биланс на загинати пораснал на 50, пренесува “Reuters”.

Најсилниот пожар, под име “Camp Fire”, однел најмалку 48 животи, станувајќи на најсмртоносниот пожар во изминатиот век во САД, додека во другиот пожар, на југот, загинале две лица. Најновите податоци за жртвите ги соопштил окружниот шериф Кони Хоне, додека форензичките тимови со кучиња за откривање на лешови ја пребаруваат областа опустошена од пожарите во Парадајс, под пепелта и урнатините, на околу 280 километри северно од Сан Франциско.

Напорите биле интензивирани со цел пронаоѓање на жртвите во текот на шест дена откако избил пожарот кој проголтал повеќе од 7.000 куќи и други градежни објекти, вклучувајќи поголем дел од Парадајс, кој има 27.000 жители.

Хоне претходно рекол дека 228 лица се водат како исчезнати, додека неговата канцеларија работи на расветлување на судбината на околу 1.300 луѓе за кои се распрашуваат роднини и пријатели.

Повеќе од 5.000 пожарникари и натаму се борат против огнената стихија која уништила површина од 505 квадратни километри откако избила минатиот четврток, уништувајќи околу 7.700 куќи и принудувајќи 52.000 луѓе да се евакуираат, пренесува “AP”.

Пожарот “Кемп” до вчера уништил површина од 50.000 хектари.

Меѓутоа, ослабените ветрови и високото ниво на влажност им овозможиле на пожарникарите да напредуваат во борбата против пламенот, соопштиле пожарните службеници.

На југот на Калифорнија, пожарот “Вулси” однел два живота и уништил повеќе од 400 објекти, а 200.000 луѓе биле евакуирани во планините западно од Лос Анџелес.