Агнета Фелтског го прослави својот 71-ви роденден кон почетокот на април. Славната шведска пејачка на легендарната група „ABBA“ е родена на 5-ти април 1950 година во градот Јеншепинг, а имала само 6 години кога ја напишала својата прва песна.
Наскоро започнала да посетува часови по клавир и пеела во локалниот хор, а основала и трио со своите пријателки Лена и Елизабет. На 15 години одлучила да го напушти училиштето и во целост да се посвети на создавање на музичка кариера.
Четири години подоцна, на снимањето на една телевизиска емисија, Агнета го запознала музичарот Бјорн Улвеус и се заљубила во него. Кратко пред тоа, пејачката Ани-Фрид Лингстад започнала љубовна врска со пријателот и соработник на Бјорн, Бени Андерсон. Двата пара наскоро заминале на заеднички одмор на Кипар и таму за првпат се родила идејата за формирање на заедничка група.
Кон почетокот на 1972 година, официјално настанала групата „ABBA“, а името е всушност акроним од првите букви на имињата на членовите.
Тешко е воопшто да се набројат хитовите кои засекогаш го променија светот на поп музиката или да се издвои песна која би можела да се нарече најдобра, но ако ја прашате Агнета дали има свој фаворит, нејзиниот одговор е секогаш ист. Во бројни интервјуа, пејачката признала дека „The Winner Takes It All“ е нејзината најдрага песна, а многумина не знаат дека таа настанала во време кога Агнета и Бјорн поминувале низ развод.
Летото 1980 година, кога нивната бракоразводна парница била во тек, Бјорн започнал да работи на песна која зборува за крај на една врска. Подоцна рекол дека никогаш побрзо не напишал текст, а во тоа му помогнало и вискито.
„Бев пијан и комплетниот текст ми дојде преку налет на емоции во рок од еден час“, изјавил тој во една прилика.
Признал и дека разводот всушност бил инспирација за песната, а кога за првпат ѝ ја покажал на Агнета, нејзините очи се наполниле со солзи. Десет дена по официјалниот судски развод, групата го снимила спотот за песната на шведскиот остров Марстранд, кој го режирал славниот режисер Ласе Халстром.
„The Winner Takes It All“ е издадена како водечки сингл на албумот „Super Trouper“ и веднаш се смести на самиот врв на топ листите во бројни европски земји, а Британците во 2006 година ја прогласија за најомилена песна за раскинување.