Атлантската магистрала во Норвешка ги нуди едни од најубавите пејзажи на светот, иако станува збор за делница со должина од само 8,3 километри.
Магистралата е направена во 1989-та година и денес е дел од норвешкото културно наследство и атрактивна туристичка дестинација. Направена е со цел да поврзе неколку помали села и острови, а на оваа кратка траса изградени се осум мостови и неколку вијадукти.
Сепак, проблем со оваа магистрала е што возачите и не можат толку многу да уживаат во глетката, затоа што мора да внимаваат на патот кој што го карактеризираат високите мостови и опасните кривини.

Само во текот на изградбата која што траела 6 години и ја чинела Норвешка 25 милиони долари, тоа подрачје било погодено од дури 12 урагани, што доволно говори за тоа какви временски неприлики можат да владеат на магистралата.
Како и да е, денес силните ветрови и големите бранови кои што удираат во бреговите покрај магистралата се дел од туристичката атракција и според туристите, токму поради нив, сето тоа изгледа уште помагично.

Норвешките власти ги советуваат локалните жители и туристите да не ја поминуваат магистралата во случај на невреме, затоа што видливоста може да се намали за неколку секунди, а истовремено големите бранови кои знаат често да ги поминат бариерите, можат да предизвикаат големи проблеми.
