Намирници за подобар тен и поубава кожа во лето

897

Умереното изложување на сонце е корисно и помага за создавање на витаминот Д кој е неопходен за апсорпцијата на калциум и фосфор што е од значење за функционирање на мускулите, јакнење на коските и спречување на остеопороза. Го подига имунитетот, спречува кардиоваскуларни болести и има благопријатно влијание кај кожните заболувања како што се на пример псоријаза и егзема. Ултравиолетовите зраци го ослободуваат хормонот на среќата (ендорфин) кој влијае на нашето расположение, делува против депресија, а топлината создава чувство на пријатност. Со прошетките на сонце се стимулира производството на мелатонин, хормонот кој го регулира сонот, расположението и има позитивно влијание на имунитетот. Но, сé треба да биде умерено!

За да се избегнат негативните последици од изложувањето на сонце, потребно е кожата да се подготви и „однатре” преку храна богата со витамини од Б групата, А, Ц и Е како и каротеноиди кои се наоѓаат во зелениот лиснат зеленчук и бобинкастото овошје. Постојат многу намирници кои треба да се вклучат во исхраната во летниот период, со што би изгледале и би се чувствувале подобро:

– Доматите се извор на ликопен
Доматите содржат витамин А и ликопен кој е силен антиоксиданс. Ликопенот го успорува стареењето на клетките и делува антиканцерогено.

– Боровинките се богати со флавоноиди
Виолетовата боја на боровинките им ја даваат флавоноидите кои исто така го успоруваат стареењето.

– Лимон, грејфрут и киви како природен извор на витамин Ц
Овие овошки се богати со витамин Ц кој помага во формирањето и синтезата на колаген. Состојките кои ги содржат се борат против УВ зраците кои предизвикуваат сончеви пеги, ја поправаат и зацврстуваат кожата, ги подобруваат структурните и функционалните оштетувања.

– Мешунките и јајцата се добар извор на витамини Б
Овие намирници се богати со витамини од Б групата кои го урамнотежуваат односот на есенцијални масни киселини, а во исто време ја снабдуваат кожата со вода.

– Морковите и лубеницата содржат витамин А
Морковите и лубеницата содржат витамин А кој ја поттикнува циркулација и се бори против сушењето на кожата, а морковот дополнително ги штити и очите.
Морковот, кајсиите и тиквата се извор на бета каротен
Портокаловите зеленчуци и овошја содржат бета каротен кој ја штити кожата однатре. Посебно е важно оваа храна да се јаде пред почетокот на летото бидејќи така кожата ја подготвуваме за изложување на сонце.

– Магдoнос, житарици, морски плодови и лук
Овие намирници го успоруваат растегнување и опуштање на кожата.