Како една од најголемите маани на електричните погони во автомобилите најчесто се споменува досегот, особено за време на зимските денови.
А одговорот на прашањето колку ќе се намали досегот на електричните автомобили се понудил да го даде Норвешката автомобилска федерација (NAF) која ги тестирала 20-те најпродавани електрични автомобили. Тие возеле во колона од Осло до Хафјел користејќи ги сите типови на асфалтни патишта, од градски до автопатишта и во согласност со ограничувањата на брзина – од 60 до 110 км/ч.

Резултатот е следниот – возењето во реални услови при ниски температури во пракса покажало 18,5% помал досег од оној кој произведувачот го декларира според “WLTP” (World Light Vehicle Test Procedure). Најлоши резултати на тестот покажал електричниот адут од “Opel”, моделот “Ampera-e” чиј досег со декларирани 423 километри паднал за 29,8%, на 296 километри.

Од друга страна најдобар е “Hyundai Kona” чиј досег паднал за 9,9%. Електричниот модел прошол 405 километри.

Норвешката федерација ја тестирала и брзината на полнење на батериите и тоа од 10 до 80% и при температура од -2 Целзиусови степени. Победник бил “Audi e-tron” на кој му требале само 27 минути за полнење, а најлоши резултати повторно покажал моделот на “Opel” на кој му биле потребни 95 минути.
И за крај еден интересен факт – откако ќе останете “без струја” и ја испразните батеријата, треба да го исклучите автомобилот и да причекате еден час. Кога повторно ќе го стартувате, ќе останете изненадени – ќе имате енергија да прејдете уште некој километар, стои во соопштението.
Тестот можете да го погледнете и на официјалната веб-страна.